Пет осудени лица, меѓу кои поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков, кои се на издржување на затворска казна во Штипскиот затвор се позитивни на ковид-19. Од затворот потврдија дека има заразени и тројца вработени.
„Во моментов, во КПД Штип има три вработени лица позитивни на корона вирусот и пет осудени лица. Петте осудени лица позитивни на коронавирус се во две посебни простории изолирани и издвоени од останатите осудени лица“, рече директорот Мики Тодоров.
Чавков ја издржува казната во затвореното крило и најверојатно се заразил од некој од вработените, бидејќи не користи викенд.
Вчера во затворот се тестирале уште дваесетина затвореници и вработени, за да се открие дали кластерот се шири.
Чавков издржува казна од 16 години, осуден во март 2019, за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017. Во февруари годинава, Апелациониот суд му ја преиначи казната од 18 на 16 години затвор.
С. НИКОЛИЌ