AКТИВИСТ ОД АЗЕРБЕЈЏАН ВО ТЕТОВО НАЦРТА МУРАЛИ ПРОТИВ ДИСКРИМИНАЦИЈАТА НА ЖЕНИТЕ И ТРАНСРОДОВИТЕ ЛИЦА

    AКТИВИСТ ОД АЗЕРБЕЈЏАН ВО ТЕТОВО НАЦРТА МУРАЛИ ПРОТИВ ДИСКРИМИНАЦИЈАТА НА ЖЕНИТЕ И ТРАНСРОДОВИТЕ ЛИЦАСекаде каде патува, Лили црта по еден мурал како дел од неговиот проект против дискриминацијата. (Фото: СДК.МК)

    Младиот активист за човекови права од Азербејџан Сејмоур Назаров, патува низ земјите и црта мурали со кои се бори против дискриминацијата во неговата земја, но и насекаде каде таа постои. После низа протести и активности против дискриминацијата кои ги имал во неговата татковина, морал да ја напушти земјата. Патот го водел првин во Грузија, потоа дошол во Турција, а сега на кратко е во Македонија. Во сите овие земји Лили, како што милува да го викаат, црта по еден мурал како дел од неговиот проект против дискриминацијата.

    „Работам на проект за правата на жените и трансродовите лица и притисоците со кои тие се соочуваат во Азербејџан, но и во другите земји каде патувам. Со овој мурал сакам да ја прикажам нивната борба во однос на нивното неприфаќање во општеството. Мислам дека уметноста е најдобриот начин да се изразат чувствата и да се воведе позитивна промена во општеството. На муралот што го цртам во Македонија претставувам три жени кои беа убиени во Азербејџан поради нивната сексуална определба, но и поради застарените сфаќања на средината во која живееја. Тие се само дел од многуте жртви на дискриминацијата во мојата земја во изминативе години“, вели уметникот.

    Судбината на овие три жени беше страшна, вели Лили. Една од нив е младата Ајсу Мамадли која минатата година до смрт беше избодена со нож само затоа што беше трансродово лице. Набрзо потоа и нејзината пријателка, исто така трансродово лице, беше нападната со нож и едвај успеа да се спаси. Еден новинар од Азербејџан тоа го опиша како опиша како лов на трансродови лица.

    Дваесетгодишната Севил Атакишијева беше студент на азербејџанскиот Универзитет за туризам и менаџмент. Како и повеќето немажени жени во Азербејџан, таа живееше со нејзините родители. Имаше големи соништа да се пресели во странство и да гради сопствен живот, но нејзиното семејство тоа не ѝ го дозволувало. Севил се обратила до локалното феминистичко здружение жалејќи се дека трпела малтретирање и физичко малтретирање од страна на нејзиното семејство, а татко и и се заканувал дека ќе ја убие. На 18 февруари, Севил си го одзеде животот а татко ѝ на полицијата ѝ платил голема сума пари за да не го истражува случајот.

    Трагична е судбината и на Бану Махарамова, продолжува активистот. Оваа триесет и двегодишна жена брутално била убиена од нејзиниот 75-годишен свекор кој телото и го исекол на 5 парчиња и ги фрлил во канта за ѓубре. Бану Махарамова со своите 2 мали деца живеела заедно со свекорот и свекрвата додека нејзиниот сопруг живеел надвор од земјата.

    „Ова е приказната на многу жени од Азербејџан. Нашата полиција навидум реагира, но, ретко кога застанува на странатана жртвите на насилствата. Многу активисти од Азербејџан протестираа против ова и другите насилства врз жените во земјата но, полицијата брзо ги растураше тие протести“, вели Лили Назаров.

    За време на неговиот престој во Македонија Лили Назаров нацрта уште еден мурал, а младата филмска режисерка Ана Андонов сними документарен филм за неговиот живот и борба за човекови права.

    „Ова беше голем предизвик за мене. Работев со човек кого неодамна го запознав, човек кој не е од оваа земја и затоа требаше многу да истражувам за да ја разберам суштината на неговата борба, но и на борбата на луѓето од Азербејџан за кој навистина малку знаеме. Целиот филмски материјал е снимен на неколку локации во Скопје и Тетово каде Лили го сликаше муралот, а ќе користам и архивски материјали од настаните во Азербејџан. Филмот, кој едноставно е насловен ‘Лили’ сега е во фаза на монтажа, а по завршувањето ќе биде испратен на повеќе филмски фестивали во Европа“, вели Андонова.

    Поддршка за овие  проекти, активизмот на Лили и документарниот филм за него, даде холандската организација „Стихтин арт 1“ од Амстердам чија цел е вклучување на младите лица во општеството, обработка на теми поврзани со човекови права и еднаквост, а сето тоа искажано преку уметност.

    „Во Македонија работиме веќе три години, а целта е културолошко учество на младите лица во однос на теми поврзани со родова еднаквост, човекови права и ЛГБТИ заедницата. Мило ми е што преку овој документарен филм ќе се раскаже приказната на еден мигрант кој преку уметност го изразува неговото искуство“, вели Крис Белони од организацијата „Стихтин арт 1“.

    По завршувањето на муралот во Македонија, Лили заминува за Албанија која е следната земја на неговото патешествие и борба за човековите права.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира