Шпанскиот поет Хусто Хорхе Падроn, лауреат на Струшките вечери на поезијата (СВП) во 1990 година, почина денес на 77 години во болница во Мадрид по компликации од ковид-19. Веста на Фејсбук ја соопшти неговата сопруга која е Македонка, Клеопатра Филипова. Падрон и сопругата беа едни од најредовните гости на Струшките вечери.
„Готово е, ја изгубив љубовта на мојот живот, мојот еден и единствен сопруг, мојот животен партнер. После 35 години, 24 часа на ден заедно, проклетиот ковид нѐ раздели засекогаш. Но, ти ветувам љубов моја, дека секогаш ќе се борам да ги бранам твоите соништа, да ја ширам твојата прекрасна поезија која усреќи толку многу читатели низ целиот свет“, стои меѓу другото во емотивната објава на неговата сопруга Филипова, која е преведувачка и поетеса.
Хусто Хорхе Падрон е роден 1943 година во Лас Палмас де Гран Канарија, на Канарските острови, во Шпанија. Беше генерален секретар на Шпанскиот ПЕН клуб од 1983 до 1993 година, основач и главен уредник на меѓународното повеќејазично списание за поезија „Екиваленсијас“ од 1982 до 1994 година и директор на Меѓународниот фестивал за поезија во Лас Палмас де Гран Канарија од 1992 до 2002 година.
Беше претседател и организатор на Шестиот светски конгрес на поетите што се одржа во Мадрид во 1982 година. Неговата поезија е преведена на четириесет и четири јазици, а објавени му се стотина книги на странски јазици. Добитник е на триесетина меѓународни награди и признанија меѓу кои : Меѓународната награда на Шведската академија, наградата Меѓународен Бард на Меѓународното здружението на современи поети, Мелбурн, Австралија и Златниот медал на кинеската култура, како и двоен добитник на наградата „Нова Македонија” за најдобра песна на СВП, во 1989 и 2002.
Падрон беше голем пријател на Македонија и на земјата и ја посвети песната „Шестиот ден/Почит кон Македонија“, која завршува со стиховите:
„И Господ помисли дека случајот понекогаш го довршува
тоа што ѝ недостига на неговата уметност и викна:
Во тебе Охрид и Струга би сакал да се преобратам!“
Б. НЕСТРОСКА