Дијагностицирањето и лекувањето на ковид пациенти во приватните болници да биде ограничено и да се движи од 40 илјади до 305.000 денари (од околу 650 до околу 5.000 евра), стои во предлогот на Главниот кризен штаб кој го поднесе до Владата, вели министерот за здравство Венко Филипче. Станува збор за предлог за измена на Законот за здравствена заштита, со која на приватните болници ќе им се ограничи висината на наплата на финансиски средства во време на кризна или вонредна состојба, конкретно за лекување на ковид пациенти. Во тек е седницата на Владата, каде на дневен ред е и Законот за здравствена заштита.
„Државата освен што има овластување да склучи договор со приватните болници преку Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), може да постави и лимит за максимален износ на едно приватно лекување од ковид-19. Регулирањето на цените е неопходно за да не се доведеме во ситуација приватните здравствени установи да останат недостапни за огромно мнозинство на граѓани во нашата земја“, објави Филипче на Фејсбук.
Министерот апелира до сите пратеници во Собранието да дадат поддршка на оваа регулација, со која цените за третман на пациенти во приватните болници ќе бидат финансиски издржливи за сите граѓани.
Претходната недела, за 10 отсто ги намали цените само приватната клиника „Жан Митрев“, а од „Систина“, како што рече тогаш министерот, го известиле дека не можат да ги намалат цените за лекување на ковид пациенти оти немале економска логика.
Според последните податоци од Министерството за здравство, на Инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава лежат 1.768 болни и има околу 300 празни болнички кревети во Ковид-центрите.
- КРИЗНИОТ ШТАБ ПРЕДЛАГА СО ЗАКОН ДА СЕ ОГРАНИЧАТ ЦЕНИТЕ НА ПРИВАТНИТЕ БОЛНИЦИ ЗА ЛЕКУВАЊЕ КОВИД БОЛНИ
Б. НЕСТОРОСКА