Лицата со автоимуни болести ќе се вакцинираат со достапните вакцини против ковид-19 во земјава, бидејќи ниту една од достапните вакцини нема контраиндикација за некаква хронична болест, велат од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК. До нашата редакција стигнаа прашања од читатели кои добиваат различни одговори од своите лекари дали смеат да се вакцинираат со постојните нарачани вакцини.
„Сите вакцини се безбедни и секоја од нив се аплицира врз основа на упатството издадено од страна на производителот“, додаваат од Министерството.
Во земјава во тек е вакцинација со вакцината на „АстраЗенека“, со „спутник“ и со кинеската. Досега се вакцинирани 31.460 граѓани, и тоа здравствени работници, дел од државната критична инфраструктура, медиумски работници и население на возраст од 73 години нагоре. Изминатиов период до министерот за здравство Венко Филипче стигнуваат апели од лица со хронични болести, трудници и мајки на породилно отстуство, продавачки, таксисти, родители на деца со попреченост и сите бараат да бидат во приориретните листи за вакцинација.
Графичкиот дизајнер и активист Зоран Кардула, кој е родител на дете со нетипичен развој, смета дека покрај здравствените работници и хронично болните од сите старосни групи требаше да бидат на приоритетната листа.
„Јас како родител на дете со нетипичен развој мислам дека лицата од оваа категорија како и нивните родители/старатели исто така требаше да се високо на приоритетната листа. Ова можеби звучи себично затоа што и јас спаѓам во оваа категорија и затоа сакам да го образложам. Доколку едно лице/дете со аутизам биде позитивно и треба да се хоспитализира, тоа автоматско значи и дека еден родител треба да го придружува. Доколку пак родителот биде позитивен, тоа значи дека лицето/ детето треба да биде во изолација, а за секој кој и малку знае за аутизмот знае какво е негативното влијание од тоа. Тие често се невербални и не се во состојба да објаснат промена во својата здравствена состојба која може да укажува на симптоми на ковид-19 и со тоа лесно да се преносители без свое знаење. Овие лица најчесто не се самостални и функционални и се зависни од своите родители, браќа и сестри“, пишува Кардула на Фејсбук.
Министерот Филипче вели дека како ќе се зголемува достапноста, бројката на вакцини, ќе разговараат и за други критични категории.
„Засега стратегијата е да се оди според возраста, сепак тоа се најкритичните категории на граѓани, ние така го започнавме планот за имунизација и така го продолжуваме“, одговори изминативе денови министерот за здравство Венко Филипче на новинарските прашања за барањата на граѓаните.
Од Министерството ни рекоа дека во моментов се вакцинираат повозрасните граѓани над 73 години и имунизацијата ќе продолжи согласно Националниот план за имунизација, каде се предвидени хронично болните во приоритетниот распоред согласно старосната група во која припаѓаат.
Од вчера „А1 арената Борис Трајковски“ функционира како четврти пункт за вакцинација во Скопје и сите граѓани кои уште на почетокот беа пријавени, а се на возраст под 75 години, односно 73 и 74 години ќе се вакцинираат во салата во следните денови.
На 28 април во земјава ќе стигнат 200 илјади кинески вакцини, а по 10 илјади вакцини „Фајзер“ ќе стигнат во земјава на 19 и 26 април. Станува збор за вакцини против ковид-19 кои се добиени со директен договор на земјава со компанијата. Преку Ковакс-механизмот 76.000 дози на „АстраЗенека“ би требало да стигнат до крајот на месецов. Вакцините преку трипартитни договори со Европската Унија се очекуваат на почетокот на мај.
Филипче најави дека се планира и масовна вакцинација во уште шест градови: Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово.
Б. НЕСТОРОСКА