Ќе има бесплатно испитување за присуство на антитела на Институот за имунобиологија и хумана генетика во Скопје, но ќе има категории кое лице ќе може да се испитува, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Институтот утрово соопшти дека согласно дописот од Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), почнувајќи од вчера кај нив нема да се работат тестови за концентрација на антитела кон САРС-КоВ-2 на товар на ФЗОМ.
„Оваа услуга ќе биде достапна и натаму само на товар на пациентите (приватно) и ќе чини 736 денари“, стои во соопштението.
Министерот на прес-конференција пред „А1 арената Борис Трајковски“ кажа дека утрово разговарал со директорите на Фондот и на Институтот, и се согласиле оти треба да продолжи праксата овие тестови да бидат покриени од државен трошок, но оти ќе мора да се воведат категории.
„Ќе мора да се воведат категории за да не го прави секој тој тест, како на пример, дали лицето прележало ковид-19, дали треба индикација за вакцина и слично. Но, секако ќе дадеме одредени категории“, кажа Филипче.
Во однос на вакцинацијата во земјава, министерот рече дека досега се вакцинирани 35.000 граѓани во земјава, и дека со вакцините на „Фазјер“ кои ќе пристигнат в понеделник ќе се продолжи со имунизацијата согласно возрасната група. Во тек е вакцинација на лица од 73 години нагоре.
Филипче вчера рече дека земјава има доволно вакцини и оти нема потреба да се прават договори со српскиот Институт за вирологија, вакцини и серуми „Торлак“ , каде ќе се произведува руската вакцина „спутник’, но денеска рече дека во вторник ќе оди во Белград и ќе се разговара и за можноста „Торлак“ да стане стратешки партнер во набавката на вакцини за земјава.
„Во вторник ќе одиме во официјална посета на Белград. Ќе се сретнеме со министерот за здравство Лончар и директорката на институтот ‘Торлак’. Ќе разговараме за повеќе важни теми во делот на нашата соработка и надвор од прашањата за вакцините, онаа соработка што ја имаме околу експертизата, нивни експерти во делот на гинекологија, неонатологија, кардиохирургијата, но, и за некаков стратешки план за набавка на вакцини од институтот . Во овој момент не ни се потребни, но гледаме како се одвива работата со пандемијата и сметам дека најлогично решение е институтот ‘Торлак’ да ни биде стратешки партнер во делот на набавка на вакцините понатаму“, кажа министерот.
Б. НЕСТОРОСКА