Дванаесет фудбалски гиганти објавија формирање на Европска Суперлига (ЕСЛ), што предизвика голем потрес во светот на фудбалот, при што УЕФА и ФИФА се заканија со жестоки санкции.
Шест англиски екипи, Арсенал, Челзи, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Тотенхем, се согласија да се приклучат на новото натпреварување, покрај Милан, Интер, Јувентус, Барселона, Реал Мадрид и Атлетико.
„Основачките клубови договорија формирање на ново натпреварување што би се играло среде недела, при што тие би продолжиле да играат во своите домашни првенства. Премиерната сезона би почнала што е можно побрзо и очекуваме уште три клуба да се приклучат“, се вели во соопштението на ЕСЛ.
Британскиот премиер Борис Џонсон, УЕФА и англиската Премиерлига го осудија формирањето на Суперлигата. ФИФА кажа дека нема да го признае ова натпреварување, а фудбалерите кои ќе играат во него би можеле да добијат забрана за играње на светското првенство. Слична закана упати и УЕФА, која кажа дека ова може да доведе до забрана за настап на играчите во сите натпреварувања на национално, европско или светско ниво, вклучувајќи ја и репрезентацијата.
Уште во октомври имаше разговори за формирање на ново натпреварување од 4,6 милијарди фунти што би ја заменило сегашната Лига на шампиони. УЕФА токму денеска треба да објави реформи на Лигата на шампионите, што вклучува нов формат со 36 екипи.
Новата лига би имала 20 членови, при што уште пет екипи би се квалификувале годишно врз основа на резултатите во домашните првенства.
„Новото натпреварување ќе му помогне на фудбалот на сите нивоа“, смета претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес.