ШТИП ЌЕ БИДЕ РЕГИОНАЛЕН КОВИД ЦЕНТАР ЗА ВАКЦИНИРАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ ОД ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА

    ШТИП ЌЕ БИДЕ РЕГИОНАЛЕН КОВИД ЦЕНТАР ЗА ВАКЦИНИРАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ ОД ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈАСпортскиот центар „Јордан Мијалков“ до крајот на неделата ќе биде адаптиран во регионален центар за вакцинирање (Фото: СДК.МК)

    Вработените во спортскиот центар „Јордан Мијалков“ во Штип од денеска интензивно работат на негово чистење и уредување, зашто тој треба да биде регионален ковид центар за вакцинирање на граѓаните од Источна Македонија. Ова е одлука на Министерството за здравство, заедно со Општина Штип и Клиничката болница и Здравствениот дом од овој град.

    „Ние ќе го завршиме нашиот дел од работата за два-три дена, а потоа здравствените служби ќе извршат комплетна дезинфекција на салата и ќе ги постават протоколите за вакцинирање“, изјави раководителот на спортскиот центар Ване Барбареев.

    Здравствените установи веќе го прават списокот на лица кои ќе работат во вакциналниот центар, кој, според првичните најави, треба да опслужува над 200.000 граѓани од Источна Македонија, кои место во Скопје, ќе можат да примат вакцина во Штип.

    „Во салата ќе бидат поставени 20-25 пунктови за вакцинирање и во еден ден ќе можат да се вакцинираат до 1.000 луѓе. Ќе бидат ангажирани доктори и медицински лица од Штип, студенти на Медицинскиот факултет во Штип, а ако има потреба, ќе се ангажираат здравствени работници и од други градови“, вели раководството на Клиничката болница во Штип.

    Регионалниот центар ќе биде комплетно подготвен до крајот на неделата, а кога точно ќе започне имунизацијата, дополнително ќе биде утврдено и најмногу зависи од добивањето на вакцините.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира