Израел не регистрираше ниеден смртен случај од ковид-19 за првпат во последните десет месеци, додека земјата продолжува со забрзаната имунизација. Министерството за здравство објави дека бројот на починати останал на 6.346.
Последен пат кога Израел немаше починати од ковид-19 беше на крајот на јуни, кога строгите рестриктивни мерки го скротија првиот бран на пандемијата. Ширењето на коронавирусот во Израел стивна откако го достигна врвот во јануари оваа година, а еден месец подоцна владата почна да ги олеснува ограничувањата.
Израел ја има највисоката стапка на имунизација на светот и во четвртокот стигна до бројката од пет милиони вакцинирани жители. Министерството за здравство објави дека 53% од населението има примено две дози.
Минатата недела, директорот на најголемата болница во Израел, Ејал Лешем, изјави дека земјата е многу блиску до постигнување колективен имунитет.