ФИЛИПЧЕ Е РАЗОЧАРАН ШТО ВЛАДИКАТА ПЕТАР ОДБИВА ЗАШТИТА ОД КОРОНАВИРУС НА ВЕРНИЦИТЕ И НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД ПРИЧЕСНА СО ИСТО ЛАЖИЧЕ

    ФИЛИПЧЕ Е РАЗОЧАРАН ШТО ВЛАДИКАТА ПЕТАР ОДБИВА ЗАШТИТА ОД КОРОНАВИРУС НА ВЕРНИЦИТЕ И НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД ПРИЧЕСНА СО ИСТО ЛАЖИЧЕПочитуван Владико, како верски авторитет вие треба да бидете пример и први да застанете во заштита на здравјето на граѓаните, вели министерот за здравство Венко Филипче. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Венко Филипче го осуди ставот на владиката Петар со кој ги отфрла препораките за заштита од коронавирусот за време на велигденските празници. Претходно денеска, Филипче кажа дека самиот не слушнал оти причесната во црквата се дава со исто лажиче за сите верници и апелираше ако има можност да се најде алтернатива или воопшто да не се прави.

    На тоа, владиката Петар, кој на почетокот на месецов се лекуваше од ковид-19 во приватна болница, му одговори дека „луѓето што не се во Црквата да не се мешаат во црковните работи, бидејќи нашите верници никогаш не се причестувале од повеќе лажички, па нема ни сега“.

    Министерот му одговори на владиката дека „крајно разочарувачки за мене, но верувам и за многу граѓани е вашиот игнорантски однос кон овие обиди за соработка, но пред сè кон безбедноста на граѓаните“.

    „Почитуван владико, како верски авторитет вие треба да бидете пример и први да застанете во заштита на здравјето на граѓаните. Вие први не треба да дозволите да ни се повторат грешките од минатото. Зачудува вашата негрижа за можните последици и ризиците кои ги носат одредени верски обичаи. Додека останатите верски институции во соседството и пошироко ги преземаат сите мерки прилагодувајќи ги обичаите, вие го правите спротивното. Моите лични напори да обезбедиме дијалог и заеднички став за тоа како да го заштитиме населението за време на празниците очигледно за вас ништо не значат. Сакам да ве потсетам дека во соработка со верските заедници, предложивме протоколи и мерки кои овозможуваат верниците да го прослават празникот намалувајќи ги ризиците од ширење на вирусот. Како што многу пати повторувам во последната година, битката со вирусот е заедничка и секоја алка во тој синџир на одговорност мора да функционира. Апелирам граѓаните да бидат максимално одговорни за време на празниците и да ги почитуваат мерките за заштита“, кажа Филипче вечерва во објава на својот официјален фејсбук профил.

    Владата оваа недела донесе одлука со која полицискиот час нема да важи на велигденската ноќ на 1 спроти 2 мај кога луѓето масовно се собираат пред и во црквите, како и за Рамазан бајрам на 12 спроти 13 мај.  Причесната со иста лажица е на утринската литургија в недела на Велигден.

    Наспроти опомени за сериозноста на здравствената состојба, сепак, црквите не престанаа со работа цело време за коронакризата. И причесната продолжи да се одвива со една иста лажичка за сите верници. Она што ќе остане од виното каде се црпело со лажицата за да им се даде причест на верниците, на крај го допива свештеникот. Воедно, при причестувањето сите верници земаат лепче од една иста рака на попот кој е на службата.

    На почетокот на април, веста дека владиците Петар и Агатангел се лекуваат од коронавирусот во приватни болници, додека голем дел од верниците се лекуваат во јавното здравство кое беше преоптоварено поради огромниот трет бран со илјадници болни и стотици мртви, ги вжешти социјалните мрежи. Петар одби да одговори зошто се лекува во приватна болница. Владиката лани во ноември кажа дека од ковид-19 починале двајца свештеници и над 250 луѓе од неговата епархија.

    Денеска, владиката Петар во изјава за Плусинфо кажа дека „ако заразата се ширеше преку причестувањето, тогаш сите свештеници, ѓакони и владици ќе беа мртви, оти ние се причестуваме по секоја литургија, секоја недела“.

    Четириесет и шест лица починаа во изминатите 24 часа по комликации од ковид-19, а од 2.453 тестирања регистрирани се 433 нови случаи на ковид-19, соопшти Министерството за здравство. Последен пат 46 починати имаше на 11 април, а највисоката дневна бројка на починати од почетокот на коронакризата беше 51, на 7 април. Иако има благ пад на заразените и хоспитализирани последнава недела, сепак кризата е далеку од завршена.

    На почетокот на април, по средбата на премиерот Зоран Заев со поглаварите на сите верски заедници, МПЦ, ИВЗ и Католичката црква, Владата соопшти дека тие ја поддржуваат вакцинацијата против ковид-19 и заеднo ги повикаа сите граѓани да се пријават за вакцина, со што ќе дадат придонес во сочувувањето на своето и на јавното здравје.

    „На средбата е заеднички оценето дека од почитувањето на мерките ќе зависи и како граѓаните ќе ги поминат претстојните празници Велигден и Рамазан Бајрам, и е заклучено да биде испратен заеднички апел на Владата и МПЦ, ИВЗ и Католичката црква до сите граѓани за почитување на владините мерки за заштита од коронавирусот“, соопшти тогаш Владата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира