ДОЈРАН СО ПАРИ ОД ЕУ КУПИ БАГЕР ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ЕЗЕРОТО 

    ДОЈРАН СО ПАРИ ОД ЕУ КУПИ БАГЕР ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ЕЗЕРОТО Возилото ќе работи во текот на целата летна сезона и тоа во утринските часови кога ќе нема капачи во езерото. (Фото: СДК.МК)

    Општина Дојран со пари од Европскта унија обезбедени од Програмата за прекугранична соработка со соседна Грција, набави сувоземено-пловен багер амфибија за собирање отпад. Ова е прв пловен багер набавен во нашава земја кој има за цел заштита на квалитетот на водите во Дојранското Езеро.

    Како што вели  градоначалникот Анго Ангов, ова пловно возило е набавено преку проектот ,,Интегриран систем на управување со екосистемот на Дојранското Езеро’’ откако општина Дојран аплицираше пред европските фондови со партнери од грчка страна за заштита на езерото.

    „Со амфибијата ќе стопанисува комуналното претпријатие, за што тим од неколку луѓе во овој период ќе се обучуваат како да работат со возилото. Со него ќе се собира ѓубрето и остатоци од бујна вегетација кои се појавува на местата каде има плажи“, вели Ангов.

    Општинските власти веќе го тестираа возилото кај новоотворената плажа каде се собираше растителниот отпад и испловените алги на површината од езерото. Возилото ќе работи во текот на целата летна сезона и тоа во утринските часови кога ќе нема капачи во езерото. Според проекциите нема да се чистат оние предели кои се прогласени за заштитни подрачја.

    Со проектот ,,Интегриран систем на управување со екосистемот на Дојранското Езеро’’, од грчка страна се изврши уредување на каналот кај Дојрани кој со години беше запуштен со што се очекува и регулација на нивото на водата во езерото.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира