ПРИВЕДЕНИ СЕДУММИНА ОД СКОПСКОТО КАФУЛЕ „ТРИ КИЧЕН“ ВО 1.30 ПО ПОЛНОЌ

    ПРИВЕДЕНИ СЕДУММИНА ОД СКОПСКОТО КАФУЛЕ „ТРИ КИЧЕН“ ВО 1.30 ПО ПОЛНОЌНа 14 март кафулето „Три кичен“ беше затворено од Државниот пазарен инспекторат бидејќи се правеа журки.(Фото: Пазарен инспекторат)

    Полицијата ноќеска околку 1.30 часот по полноќ интервенирала во скопското кафуле „Три кичен бар“ оти бил прекршен полицискиот час и мерките за заштита од ковид-19. Од вчера, полицискиот час е скусен и започнува во 23 часот, а кафеаните мора да затвораат во 22.30.

    Од Министерството за внатрешни работи велат дека  за непочитување на протоколите биле приведени 7 лица.

    „На 06.05.2021 во 01.30 часот, по претходна пријава, полициски службеници од СВР Скопје извршиле контрола во угостителски објект на улица 50 Дивизија во Скопје. Притоа, во објектот биле затекнати седум лица, меѓу кои и Х.Џ.(43) од Скопје, одговорно лице во објектот. Утврдено е дека објектот работи по дозволеното време односно не се почитуваат препораките и мерките на Владата за заштита од ковид-19. Лицата биле приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави“, велат од Министерството за внатрешни работи.

    Ова не е прв пат кафулето „Три кичен бар“ кое се наоѓа пред влезот на Клиничкиот центар и во соседство на Министерството за здравство да не ги почитува протоколите за работа во време на пандемија. Во близина, на само стотина метри е и Инфективната клиника, каде што според последните податоци од Министерството за здравство лежат 111 пациенти, главно со тешки компликации од ковид-19.

    Граѓаните што ја контактираа нашата редакција велат дека вчера безуспешно се обидувале да пријават и за бучава бидејќи кафулето работело како дискотека со извадени звучници и силна музика на терасата од 19 до 22.30, кога завршува официјалното работно време според полицискиот час. Потоа, без музика останала помала група гости, а кога дошла полицијата им рекле: „Ние тука живееме, сте дошле на погрешно место, во погрешно време“.

    Според протоколите за заштита од ковид-19 кои се усвоени уште пред една година и Министерството за здравство нема објавено дека ги има повлечено, забрането е да се пушта и гласна музика за да се спречи гостите во локалите да не си се внесуваат в лице кога разговараат.

    На 14 март кафулето беше затворено од Државниот пазарен инспекторат бидејќи не се почитуваа ковид-протоколите, односно се правеа журки како да нема пандемија.

    „Затекнавме полни локали, млади луѓе безгрижно се забавуваат со гласна музика, играат и пејат. Во центарот на Скопје ги затворивме локалите ‘Интермецо‘ и ‘Три кичен‘. Казната е забрана за работа од 10 до 30 дена, парична казна од 5.200 евра, како и прекршочна пријава“, изјави на 14 март тогашниот директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски.

    Од вчера (среда 5 мај) кафулињата и кафеаните можат да работат до 22.30 часот, но само на отворените делови односно на летните тераси, а полицискиот час почнува од 23 часот. Уште се на сила ковид-протоколите за работа на угостителските објекти односно забрането е да се прават забави, да има жива музика и да се пушта гласна музика. Забрането е стоење на шанк и на високи маси (коњопои), на маса може да седат само по 4 лица и треба да се одалечени на 1,5 метар.

    Состојбата низ локалите веќе цела недела, откако се отворија кафеаните е сосема друга, никаде не се почитуваат протоколи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира