ПЕНДАРОВСКИ НЕ ГО ПОТПИША ЗАКОНОТ ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА ДИВОГРАДБИ КОЈ ЗАЕДНО ГО ИЗГЛАСАА СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ

    ПЕНДАРОВСКИ НЕ ГО ПОТПИША ЗАКОНОТ ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА ДИВОГРАДБИ КОЈ ЗАЕДНО ГО ИЗГЛАСАА СДСМ И ВМРО-ДПМНЕПендаровски не го потпишал Указот на Законот оти е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот Стево Пендаровски не го потпиша Указот за прогласување на Законот за легализација на дивоградби кој што Собранието со 72 гласа „за“ го донесе на 11 мај. „За“ гласаа пратеници и од власта и од опозицијата.

    Според законодавната постапка, ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише Указот за прогласување на законот, како во случајов, Собранието повторно го разгледува законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.

    Претседателот Пендаровски во соопштението вели дека одлука да не го потпише Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти ја донел врз основа на детална анализа на текстот на Законот, при што утврдил дека текстот на Законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот.

    „Сметам дека текстот на Законот нема општествена оправданост односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт. Фактот дека со овој Закон се легализираат противзаконитите постапки на физички и правни лица за бесправно градење, коешто е определено како кривично дело во Кривичниот законик, ги става во нееднаква положба правните субјекти и ја нарушува правната сигурност. Таквата постапка е спротивна со член 9, став 1 од Уставот во кој што е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Дополнително, во член 51, став 2 од Уставот е определено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите“, се вели во образложението на претседателот Пендаровски.

    Тој смета дека Законот не само што ги става граѓаните во нееднаква положба, привилегирајќи ги оние кои не ги почитувале правните прописи на штета на совесните граѓани кои при градење на објекти постапувале во согласност со важечките прописи, туку, уште повеќе, стимулира непочитување на правните прописи.

    „Особено спорен е член 41 од текстот на Законот со кој од денот на влегување во сила на Законот се предвидува ‘запирање на управни постапки кои не се завршени со спроведување на решенијата за отстранување на бесправно изградените објекти, како и кривичните и граѓанските постапки, кои се во тек и кои произлегуваат од постапките за отстранување на објекти кои се завршени или се во тек’. Оваа одредба е спротивна со член 8, став 1, алинеја 4 од Уставот каде што поделбата на власта на законодавна, извршна и судска власт е дефинирана како темелна вредност на уставниот поредок. Преку вака формулираното законско решение се врши упад во работата на судовите и се овозможува ‘затскриена’ амнестија за сторители на кривични дела поврзани со бесправно градење и злоупотреба на службената положба“, вели Пендаровски.

    Според член 41 од овој закон, се запираат постапките за рушење на дивоградбите, но се прекинуваат и управните и судските постапки (кривични и граѓански постапки) кои се во тек и кои произлегуваат од постапките за отстранување на објекти кои се завршени или се во тек и постапки во врска со изградба на бесправни објекти.

    Донесениот Закон, според Пендаровски исто така, е спротивен на член 43 од Уставот во кој секому се гарантира правото на здрава животна средина, а државата се обврзува да создава услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

    „Апелирам до сите пратеници, независно од политичката припадност, а водејќи се од словото на Уставот и јавниот интерес, уште еднаш, да размислат пред повторно да одлучуваат за овој текст на Законот“, вели Пендаровски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира