ГОТОВ ПРВИОТ ДЕЛ НА СКОПСКАТА УЛИЦА ОРЦЕ НИКОЛОВ, КОНЕЧНО ДОБИ ПЕШАЧКИ ПАТЕКИ КОИ ДОСЕГА БЕА БЛОКИРАНИ СО КОЛИ

    ГОТОВ ПРВИОТ ДЕЛ НА СКОПСКАТА УЛИЦА ОРЦЕ НИКОЛОВ, КОНЕЧНО ДОБИ ПЕШАЧКИ ПАТЕКИ КОИ ДОСЕГА БЕА БЛОКИРАНИ СО КОЛИКоловозниот е стеснет за околу метар и пол, изведени се џебови за паркирање, велосипедска и пешачка патека. (Фото: К. Попов)

    Општина Центар викендов ќе заврши со реконструкција на првиот дел на скопската улица Орце Николов од крстосницата со булевар Климент Охридски до улицата Ленинова. Сега тротоарите на улицата се ослободени од колите и изведени се велосипедска и пешачка патека, со што нема да мора да се оди по улица меѓу возила за да се мине овој дел од центарот на градот.

    Воведено е паралелно паркирање со изведба на т. н. џебови во кои ќе биде дозволено паркирање само за жителите на зградите, со оглед на тоа дека е намален бројот на паркинг места. Коловозниот дел на улицата е стеснет за околу метар и пол, со задржување на двете ленти за возила.

    „Неубавите слики кои што ги гледавме, каде лица со посебни потреби со инвалидски колички се движеа по коловозот и мајки со деца во колички поминуваа само кога нема возила по улицата, полека но сигурно стануваат минато. Целта на реконструкцијата е да се зголеми безбедноста на улицата преку воведување физички мерки за смирување на сообраќајот, а со самото тоа да се намали бројот на сообраќајни незгоди на овој потег. Со реконструкцијата ќе се даде поголем приоритет на пешаците, со тоа што ќе се стимулираат пешачките токови и ќе се зголеми безбедноста при нивното движење по цела должина на улицата“, рече градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.

    Од понеделник ќе се работи и ќе се затвори за сообраќај потегот од улицата Ленинова до улицата Коле Неделковски.

    Реконструкцијата на Орце Николов ќе опфати површина од вкупно 7.182 метри квадратни и се очекува да биде готова во јули. Целиот зафат чини околу еден милион евра, средства обезбедени од буџетот на Општина Центар.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира