Во Центарот за јавно здравје во Тетово отворена е нова лабораторија каде ќе се изработуваат ПЦР тестовите за ковид-19. Отварањето на лабораторијата е одобрено од комисијата на Министерство за здравство, а освен Центарот за јавно здравје од Тетово, ќе ја опслужува и подрачната единица на Центарот во Гостивар.
„Микробиолошка лабораторија и молекуларна дијагностика Тетово, како државна лабораторија, ќе работи со најсовремени и софистицирани ПЦР тестови кои детектираат 4 типови гени од коронавирусот. Со ова им се дава можност на жителите од Тетово и пошироко од Полошкиот Регион, со голема сигурност, сензитивност во детекцијата и доверба, да се тестираат во оваа лабораторија. Изработката на ПЦР тестовите, во соработка со Фондот за здравство (ФЗОМ), ќе се одвива преку закажување термини од матичните лекари. Во епидемиолошките оддели во Тетово и во Гостивар, кои работаат непрекинато во текот на целата недела, ќе се изработуваат и епидемиолошки индицирани брисеви. Досега тие мораа да бидат испраќани за обработка во Институт за јавно здравје во Скопје“, изјави д-р Мумин Селмани, специјализант по медицинска микробиологија со паразитологија од Центарот за јавно здравје Тетово.
Во лабораторијата ќе работи стручен кадар од специјалисти микробиолози од Тетово и Гостивар. Од Центарот за јавно здравје од Тетово најавуваат дека наскоро ќе се отвори и нов ковид-19 пункт за земање брисеви.
З. АНДОНОВ