ВАКЦИНАТА Е СЕКСИ – ТИНДЕР И ДРУГИТЕ АПЛИКАЦИИ ЗА ЉУБОВНА ДРУЖБА ЌЕ ПОТТИКНАТ ЗАПОЗНАВАЊЕ МЕЃУ ВАКЦИНИРАНИТЕ

    ВАКЦИНАТА Е СЕКСИ – ТИНДЕР И ДРУГИТЕ АПЛИКАЦИИ ЗА ЉУБОВНА ДРУЖБА ЌЕ ПОТТИКНАТ ЗАПОЗНАВАЊЕ МЕЃУ ВАКЦИНИРАНИТЕAпликациите ќе им овозможат на корисниците да можат да ги филтрираат потенцијалните сродни души според нивниот статус на вакцинација. (Фото: АП)

    Најголемите апликации за љубовно дружење во САД се надеваат дека ќе им олеснат на вакцинираните самци да се најдат едни со други, објави Белата куќа, што е дел од напорот да се исполнат целите на администрацијата на Џо Бајден за 70 отсто од возрасните да примат барем една доза вакцина против ковид-19 до 4 јули.

    Опсегот на нови функции на апликациите ќе им овозможи на корисниците да можат да ги филтрираат потенцијалните сродни души според нивниот статус на вакцинација, а исто така да добијат бесплатен пристап до услугите кои сега се наплаќаат.

    „Социјалното дистанцирање и љубовните состаноци секогаш беа малку тешка комбинација“, вели Енди Славит, висок советник за справување со ковид-19 во Белата куќа. „Затоа, денес страниците за дружење како Бамбл, Тиндер, Хинџ, Меч, Окејкјупид, Баду најавија низа карактеристики за да ја поттикнат вакцинацијата и да им помогнат на луѓето да запознаат други кои имаат универзално привлечен квалитет: вакцинирани се против ковид-19 “.

    Белата куќа се надева дека новата иницијатива ќе ја забрза вакцинациијата, по падот на темпото во последните неколку недели. Повеќе од 60 отсто од Американците од 18 години и постари примиле барем една доза ковид вакцина, а скоро 130 милиони Американци сега се целосно вакцинирани. Но, темпото на вакцинирање опаѓа, а просечното дневно темпо на вакцинација е паднато скоро за 50 отсто од врвот во април.

    Апликациите за љубовно дружење можат да понудат еден начин за пресврт во тој тренд. Сајтовите се грижат за над 50 милиони корисници во САД, вели Славит, истакнувајќи дека истражувањето на Окејкјупид открило оти луѓето кои се вакцинирани или планираат да се вакцинираат добиваат 14 отсто повеќе состаноци од невакцинираните.

    Апликациите ќе нудат различни ознаки за вакцинираните. Тиндер, апликацијата за дружење со најмногу корисници на САД, ќе има значки за вакцинирани, како и нов Центар за вакцини што ќе им помогне на корисниците да се поврзат со блиските вебстраници за вакцинација.

    Напорот апликациите за дружење да се стават во погонот за вакцинирање е само една во низата понекогаш неортодоксни мерки кои ги преземаат властите низ целата земја за да има што повеќе имунизирани. Државата Мејн, на пример, им понуди бесплатни дозволи за лов на вакцинираните жители, додека гувернерот на Охајо отвори лотарија од еден милион долари за секој што примил барем една доза вакцина. И градоначалникот на Њујорк стартува лотарија од 5 милиони долари за вакцинираните.

    Се разбира, што се парите без вистинска љубов? Како што се пошегува Славит: „Конечно го најдовме единственото нешто што нè прави сите попривлечни: вакцина“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира