Бројката на починати од ковид-19 во земјава ќе падне две до три недели откако паднаа бројките на новозаболени лица, кажа денеска заменик-министерот за здравство Илир Хасани. Изминатов период се намалува бројката на дневно регистрирани случаи од направени тестови, но, бројката на починати се движи до 20.
„Епидемиолошки, паѓањето на бројките на починати е со задоцнување од паѓањето на новозаболени. Сега во моментот во болниците се најтешко болните, т. е. тие кои имаат пролонгирана болест и тие се изложени на голем процент на смртност. Генерално, мислам дека се очекувани бројките на починати да се намалуваат за две до три, можеби и четири недели од намалувањето на бројката на новозаболени“, одговори денес Хасани на новинарско прашање на промоција на реновирање на Психијатриската болница во Скопје.
Вкупно ковид дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата се 155.117, оздравени се 147.190, починаа 5.356, а активни случаи се 2.571.
На Инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава лежат 249 и има околу 538 празни болнички кревети во Ковид-центрите.
Заменик-министерот додаде дека Комисијата за заразни болести утре има состанок, дека не сака да шпекулира со информации, но ќе се разговара за олеснување на мерките од следната недела, како што е носењето на заштитни маски на отворено и полицискиот час.
Б. НЕСТОРОСКА