ТОНИ САЛИ

Сè губи смисла кога ќе умре дете поради сурова бирократска небрежност.

ТОНИ САЛИ

1 Матурантот Тони Сали почина на 19 години. Десет години се бореше со државата да добие матичен број. Управата за водење матични книги не му издаваше извод на родени. Не му го признаваше биолошкиот татко и го условуваше за родител да му впишат странски државјанин кој не му е татко. А потоа му бараа да го поништи тоа татковство, оти – такви ни биле законите. И Тони, бидејќи немаше матичен број, не можеше да има ни матичен лекар. Ни социјална помош. Ни сметка во банка. Семејството му било сиромашно, па не можел да се лекува ни приватно. И – си умре Тони. Не се знае од што. Го нема. Ама, како никогаш и да не постоел. Останаа само петките во свидетелствата, оти некому во државава сепак му текнало дека врз основа на Конвенцијата за права на детето Тони може да се запише во училиште иако немал матичен број.

Сè е по закон во оваа држава каде што се креираат матични броеви на непостоечки граѓани, се издаваат по неколку лични карти на различни адреси на исти луѓе за крадење на избори, за пари се издаваат регуларни фалсификат пасоши на белосветски криминалци, ама ете – баш за Тони од Шутка кој бил сиромашен одличен ученик и добивал награди, никој во државата не успеал да најде решение.

Како ли ќе живеат со смртта на Тони сите оние службеници што 15 години го малтретирале детето и неговите родители со точки и запирки, ги маткале од шалтер на шалтер, од институција до институција и ги убедувале дека – такви се законите, а законите мора да се почитуваат?

На крај, ќе излезе дека случајот на Тони е системска грешка на институциите. За два три дена, ќе го заборавиме. Институциите немаат душа. Ама, во тие институции работат луѓе со име и презиме. Имаат ли тие луѓе душа? Или имаат само партиска книшка?

2 Кога „САКАМДАКАЖАМ.МК“ почна да пишува за случај на дете што нема матичен број, Тони имаше 17 години. Дотогаш, неговите родители 15 години се обидувале да си ги остварат правата преку државните институции. Последниvе четири години со случајот се занимава и Народниот правобранител. На Тони не можеше да му помогне ни адвокатката која бесплатно го застапуваше, а ни Министерството за правда. Случајот е заглавен во Управата за матични книги.

И што останува сега? Судот за човекови права во Стразбур да ѝ пресуди на нашава држава и тоа да биде постхумна сатисфакција за родителите.

Сè губи смисла кога ќе умре дете поради сурова бирократска небрежност. Поради тоа што некој таму што го плаќаме не го вклучува мозокот кога оди на работа. Не само што не го вклучува, туку не го ни интересира.

3 Кога од перспективата на Тони и неговото семејство би ја погледнале „европската перспектива“ на државата, сосем бесмислен станува „умерениот оптимизам“ дека Бугарија ќе го повлече ветото за ЕУ, затоа што претседателот Румен Радев не го навредувал претседателот Стево Пендаровски додека се возеле со бугарскиот авион кон Рим.

А и беспредметна е дискусија за тоа на кој начин државата решила да ѝ се заблагодари на Србија што ни подари вакцини против ковид-19 кога очајно ни требаа барем за да ги заштитиме медицинските лица од првата линија на битката против ковид-19. Тие што фаќаат кусури на оваа мерка, забораваат дека со српските вакцини ги вакциниравме и полицијата и војската. А и пратениците, колку и да не е важно нивното мислење.

Државата што не е кадарна да стави електронска наплата на патарини низ западна Македонија, ќе се заблагодари така што наместо да ги стимулира Србите да одат накај Охрид и Преспа, ќе ги пропушта без пари кон Грција.

4 Требаше да излезат сликите на плетени навлаки за пениси по профилите на фејсбук групите кои го водат протестот против дигиталните учебници, да се открие дека тие луѓе немаат проблем само со дигитализацијата. Тие се противат во школите да се учи сексуално образование и бараат да се укинат темите за родова рамноправност и инклузивност, оти баш поради таквото образование девојчињата ќе морале да носат навлаки за пениси. Од кај им текна тоа? Којзнае. Ама им личи доволно страшно за да се плашат.

Плус, бараат и да се врати веронауката во училишната програма. Фали уште да побараат девојчињата и момчињата да учат во одвоени школи. Па ќе можеме мирно да се вратиме во 19 век. Таман, за со време да си фатиме чекор во преговорите со Бугарија.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира