500 ИЛЈАДИ ВАКЦИНИ „СИНОВАК“ ЌЕ СТИГНАТ ВО СЛЕДНИТЕ СЕДУМ ДЕНА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    500 ИЛЈАДИ ВАКЦИНИ „СИНОВАК“ ЌЕ СТИГНАТ ВО СЛЕДНИТЕ СЕДУМ ДЕНА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ„Оставам резерва тоа да се промени, гледате со што се соочуваме “, рече денес Филипче. (Фото: К. Попов)

    Во следните седум дена можеме да очекуваме да стигна нарачаната количина од 500 илјади дози на „Синовак“, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

    „Утрово стигна таа информација за ‘Синовак’. Добра вест е дека тоа што е одделено како количина за нашата земја е во спакувани кутии со шприцеви, што го олеснува процесот за имунизација. Оставам резерва тоа да се промени, гледате со што се соочуваме, но верувам дека оваа најава ќе се оствари “, кажа Филипче на промоцијата на реконструиран оддел на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, во вредност од 60 милиони денари.

    На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 241.368 граѓани, а на веб страната vakcinacija.mk пријавени се 437.339 граѓани.

    Прва доза вакцина вчера примиле 2.067 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 15.756 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 362.710 дози вакцини, а ревакцинирани се 121.342 граѓани. Со последните бројки 47 % од пријавеното население над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41 % од пријавеното население над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

    Филипче кажа дека изминатото деноноќие немало ниту еден прием на пациент на скопските Ковид-центри. Согласно овој тренд на намалување на бројката на новозаболени и хоспитализирани лица, тој рече дека на следниот состанок на Комисијата за заразни болести после 15 јуни, ќе се разговара за олеснување на рестрикциите, меѓу кои и за полицискиот час и за организирање на концерти.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира