ОД ПРВИ ЈУЛИ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ПАТУВА СО ИСТЕЧЕНИ ПАСОШИ ПОРАДИ ГОЛЕМ БРОЈ БАРАЊА ЗА НОВИ ИСПРАВИ

    ОД ПРВИ ЈУЛИ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ПАТУВА СО ИСТЕЧЕНИ ПАСОШИ ПОРАДИ ГОЛЕМ БРОЈ БАРАЊА ЗА НОВИ ИСПРАВИМакедонските државјани ќе можа да ги користат пасошите чија важност истекла по 31 јули 2020 година.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Од 1 јули ќе може да се патува со истечени пасоши, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради енормниот број барања за вадење нови патни исправи направена е измена и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија, со што се продолжува нивната важност.

    Македонските државјани ќе можат да ги користат пасошите чија важност истекла по 31 јули 2020 година. Рокот за важност на патните исправи ќе биде до 31 декември. Од МВР велат дека преку Министерството за надворешни работи за ова се известени сите држави.

    „Измената на Законот за патни исправи е направена со цел да им се излезе во пресрет на потребите на голем број наши граѓаните кои поради пандемијата, рестриктивните мерки, карантините и другите отежнати услови, во нашава земја, но и надвор од неа, во дијаспората, беа спречени навремено да ги продолжат своите документи“, велат од Министерството за внатрешни работи.

    Изминатиов период откако се намалија бројот на новозаразени лица, се укинуваат рестрикциите и се отворија дел од границите, голем е бројот на граѓани кои закажуваат термин за вадење патни исправи.

    „Во овој период имаме енормно зголемен број на барања за издавање нови лични документи, затоа што, претходно границите беа затворени и не можеше да се патува надвор од државата, па и граѓаните помалку аплицираа за нови документи. По отварањето на границите, за нови документи аплицираат граѓаните  на кои во претходниот период им истекла важноста на документите, а не ги обновиле, како и оние на кои токму во овој период им истекува важноста. Ние одговараме на сите барања во рамки на капацитетите на МВР, воведено е и работење и во викенд, сè со цел да се одговори што побрзо на барањата“, велат од Министерството за внатрешни работи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира