Од Софија за САКАМДАКАЖАМ.МК: Ана Антевска
Во македонскиот Устав пред членството во Европската унија ќе бидат впишани и сите помалубројни народи во земјата, меѓу кои и бугарскиот, рече денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата во Софија по средбата со бугарскиот технички премиер Стефан Јанев.
„Северна Македонија пред членството во ЕУ го отвора Уставот, наш став е сите помалубројни народи во нашата држава да бидат впишани во Уставот, вклучувајки го и бугарскиот, хрватскиот народ и други заедници. Нашиот Устав е создаден 1991 година, тогаш е впишан македонскиот, албанскиот народ, Србите, Турците, Власите, Ромите, Бошњаците и другите народи. Ако сакаме да бидеме земја-членка на ЕУ треба да имаме европски Устав, во кој што по примерот на една Хрватска ќе ги впишеме и другите народи“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Заев денеска е во Софија заедно со министрите Бујар Османи и Никола Димитров на средби со државниот врв и лидери на поголеми партии, за да се најде решение за Бугарија да го тргне ветото за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
Заев и техничкиот премиер на Бугарија Стефан Јанев договорија да продолжат разговорите на политичко ниво за да се најде решение за спорот. Двајцата кажаа дека решение е можно и дека тоа треба да го изнајдат политичарите.
Премиерот Заев имаше средба и со претседателот Румен Радев на која беше истакнато дека посетата на делегацијата на Владата на Република Македонија на Бугарија на највисоко ниво е од исклучителна важност и доаѓа во момент кога силната динамика на контактите и дијалогот е од огромна важност за односите меѓу двете земји.
Радев и Заев се согласиле дека јасната европска перспектива на земјава е од големо значење за Бугарија и нејзиното конкретно остварување е во прилог на заедничката иднина на двете земји во ЕУ.