НЕМА ДЕЛ БЕЗ ДУПКА И ПРОКОП НА ПАТОТ ОД КУМАНОВО ДО ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ДЕВЕ БАИР

    НЕМА ДЕЛ БЕЗ ДУПКА И ПРОКОП НА ПАТОТ ОД КУМАНОВО ДО ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ДЕВЕ БАИРПатниците буквално се трускаат за да ја минат делницата, а возилата многу често се оштетени од лошиот пат.(Фото: СДК.МК)

    За да се стигне до Бугарија преку граничниот премин Деве Баир се вози по дупки и прокопи. Патот е целиот исрешетан со дупки, крпеници и нерамнини, како воопшто да нема асфалт. Патниците буквално се трускаат за да ја минат оваа делница, а возилата многу често се оштетени од лошиот пат.

    Од Скопје до граничниот премин Деве Баир има околу 120 километри, а се патува повеќе од два часа поради лошиот пат.

    Од Владата од каде делегација предводена од премиерот Зоран Заев во четвртокот преку овој пат отиде на средбата во Софија со бугарските власти, велат дека после 40 години почнати се градежни работи за реконструкција на патот.

    Нашата екипа на терен забележа градежни материјали и возила, како и делови од патот кои имаат нов асфалт, но тоа беа само кратки делници. Долж трасата имаше материјали и механизација, но динамиката со која се работи е бавна, а во петокот воопшто немаше градежни активности.

    Според проектот регионалниот пат Куманово-Страцин се рехабилитира во две фази. Првата фаза од Куманово до село Војник е во должина од 15 километри, со инвестиција во износ од 4,7 милиони евра, пари обезбедени дел преку ИПА 2 програмата, а дел од финансирањето се реализира преку државниот буџетот. Во втората фаза од село Војник до Страцин се реконструира делница од 16 километри за што Јавното претпријатие за државни патишта инвестира 7,2 милиони евра.

    „Во овој североисточен дел на Коридорот 8 имаме силни инвестициони зафати за негова комплетна рехабилитација и модернизација. Покрај оваа инвестиција, со силен интензитет работиме и на изградба на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, а потоа и од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир каде се врши проширување на патниот правец со трета лента. Вкупните инвестиции само во овој регион изнесуваат преку 80 милиони евра“, рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски кој во четвртокот заедно со вицепремиерот Љупчо Николовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми беа на увид на градежните работи.

    А. АНТЕВСКА

    .

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира