Претседателот Стево Пендаровски смета дека Македонија би требало да го засили партнерството со САД засновано врз Декларацијата од 2008, откако Европската Унија не успеа да ѝ ги отвори своите врати на земјава. Декларацијата за стратешко партнерство и соработка меѓу САД и Македонија, потпишана во Вашингтон на 7 мај 2008 од тогашниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски и американската државна секретарка Кондолиза Рајс, е најголемиот и најзначајниот документ во македонско-американските односи.
Декларацијата беше потпишана поради грчкото вето за влез на Македонија во Алијансата на самитот на НАТО во Букурешт во април 2008. Со неа САД ја гарантира безбедноста на Македонија, без тоа да биде замена за членство во НАТО. Со Декларацијата се потенцира определбата за зајакнати трговски и економски односи, како и можноста да се интензивираат релациите меѓу граѓаните на двете земји, преку промоција на културна и образовна размена.
„Што ако спорот со Бугарија се оддолжи со години? Можеби не 25, како со Грција, но ние не можеме да седиме со скрстени раце и да чекаме добри вести од Брисел. Во услови кога проширувањето на ЕУ де-факто е замрзнато имаме две опции, да ја донесеме Европа дома и второ, според мене треба наскоро да почнеме да го враќаме во живот договорот за стратешко партнерство со САД од 2008 година. Во договорот со Вашингтон има барем четири-пет области во кои би можеле конкретно да влеземе во соработка со САД. За ова најверојатно наскоро ќе имаме средби на ниво на државно раководство. Ова не значи откажување од европските интеграции, напротив. Но, ако продолжи спорот со Бугарија, мора да бараме алтернативи“, рече Пендаровски на панел дискусијата на тема „Триесет години независност и евро-атлантските перспективи на Република Северна Македонија“.
Според Декларацијата од 2008, САД „ја потврдуваат својата поддршка на принципите на суверенитет и територијален интегритет на државите, на целите и принципите на Повелбата на ОН, и на унитарна и мултиетничка Македонија во своите постоечки граници“. Исто така, Македонија и САД забележуваат дека „Македонија, како демократска, безбедна и просперитетна земја, со пријателски и конструктивни односи со своите соседи, и како активен учесник во регионалните и меѓународните економски, политички и безбедносни форуми, е витална за мирот и стабилноста во Југоисточна Европа“. САД ја декларираат намерата да обезбедат дополнителна поддршка за Македонија „за да се помогне во изградбата на просперитет, за да се зајакне безбедноста и за да се поттикнат уште подлабоки врски помеѓу двете земји“. Покрај поддршката за реформата на вооружените сили, во декларацијата се истакнува и намерата на САД за помош за економски и културен и образовен развој на земјата.
Пендаровски рече дека историските теми не би смееле да бидат критериум за влез во ЕУ.
„Не е европски критериум дали во илјада осумсто и некоја тој и тој бил Бугарин или Македонец. Ние не можеме како политичари во 2021 да разговараме за историски теми и не може разговорите за историјата да бидат критериум за влез во Европска Унија, која е создадена во 1957 година. Ние може да разговараме за цар Самоил од пред десет века, но тоа не може да биде критериум за влез во ЕУ. Клучниот проблем на ЕУ е носењето на одлуки со консензус. Без измени на тоа, Унијата не може да биде клучен геополитички играч. Тоа доведува и до пораст на евроскептицизмот во регионот на Западен Балкан и во Северна Македонија, но и во самата ЕУ, што е поразително“, рече Пендаровски.
Г. КОНЕВ