СВИДЕТЕЛСТВАТА МОЖЕ ДА СЕ ДЕЛАТ ВО ДВОРОВИТЕ НА ШКОЛИТЕ, БИРОТО ЗА РАЗВОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕ НЕ НЀ ПРАША ЗА ОДЛОЖУВАЊЕТО, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    СВИДЕТЕЛСТВАТА МОЖЕ ДА СЕ ДЕЛАТ ВО ДВОРОВИТЕ НА ШКОЛИТЕ, БИРОТО ЗА РАЗВОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕ НЕ НЀ ПРАША ЗА ОДЛОЖУВАЊЕТО, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕСвидетелствата за завршена учебна година ги добија само полуматурантите и матурантите заради уписите во средно училиште и на факултетите. (Фото: СДК.МК)

    Бирото за развој на образованието (БРО) не се консултирало со Министерството за здравство за одлуката да се одложи доделувањето на свидетелставата на учениците. Учениците од основните и средните училишта ќе ги добијат свидетелствата во август оти, како што ни рекоа од Бирото на 21 јуни, тогаш ќе биде порелаксирана ситуацијата со ковид пандемијата.

    Училиштата минатата недела добија допис од Бирото, во кое меѓудругото се вели дека „имајќи предвид дека училиштата во вакви услови не може да организираат свечености и соодветно одбележување на доделувањето на свидетелствата, ве информираме дека оваа учебна година, свидетелствата на учениците согласно член 138 став 5 од Законот за основно образование ќе бидат доделени до крајот на учебната година“.

    Одговарајќи на новинарско прашање после панел-дискусија во Музејот на современа уметност (МСУ) за тоа дали од Бирото се консултирале со Министерството, Филипче рече:

    „За таква работа не сме комуницирале. Свидетелставата може да се делат во дворовите, сега е убаво времето. Мислам дека  луѓето кои учествуваа во менаџирањето на кризата, претставниците на Министерството за образование и наука (МОН) се свесни дека сѐ што може да се организира во надворешни услови, треба да се направи“.

    Свидетелствата за завршена учебна година ги добија само полуматурантите и матурантите заради уписите во средно училиште и на факултетите. Од Бирото додаваат дела свидителствата ќе бидат обезбедени и за учениците кои имаат итна потреба од свидетелство поради преселба или продолжување на школувањето во странство.

    На нашето прашање зошто се поместува терминот кога веќе закажаното доделување на свидетелствата за на 26 јуни во едно скопско училиште беше според протокол, односно по 4 ученици на 10 минути временско растојание едни од друго, од Бирото ни рекоа дека и доделувањето во август ќе биде според протокол, но дека ситуацијата ќе биде порелаксирана од сега.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира