АКО ШКОЛИТЕ НЕ ВИ ГИ ВРАТАТ ПАРИТЕ ЗА НАПЛАТЕНИТЕ СВИДЕТЕЛСТВА, ПРИЈАВЕТЕ НА 0800 88 500, ПОВИКА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

    АКО ШКОЛИТЕ НЕ ВИ ГИ ВРАТАТ ПАРИТЕ ЗА НАПЛАТЕНИТЕ СВИДЕТЕЛСТВА, ПРИЈАВЕТЕ НА 0800 88 500, ПОВИКА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛДосега, свидетелствата за завршена учебна година добија само полуматурантите и матурантите заради уписите во средно училиште и на факултетите. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Народниот правобранител апелира до граѓаните на кои нема да им бидат вратени парите за наплатени свидетелства да се обратат на бесплатната телефонска линија за деца 0800 88 500, за заштита на нивните права. Претседателот на Сојузот на средношколци Лука Павичевиќ вчера на прес-конференција повтори дека станува збор за четири училишта што годинава ги наплатија свидетелствата: Средните училишта за економија и за медицина од Тетово, гимназиите „Зефљуш Марку“ во Скопје и „Мирче Ацев“ во Прилеп.

    Министерството за образование и наука (МОН) на 12 јуни реагираше дека училиштата не смеат да наплаќаат такси на родителите и учениците за издавање на свидетелствата, и дека тоа од нивна страна им било укажано уште пред крајот на учебната година.

    Педагошката документација потребна за крајот на учебната година се обезбедува од Бирото за развој на образование при што секое училиште добива дополнителни 5% во случај на грешки и слично.

    „МОН потсетува дека, согласно Уставот на Северна Македонија како и член 3 од Законот за основно образование, и член 3 од Законот за средно образование (‘Службен весник на  Северна Македонија’ бр. 161/19 и 229/20), со кои секое дете има право на бесплатно и квалитетно образование“, велат од МОН, додавајќи оти станува збор за изолирани случаи во неколку училишта кои вршеле наплата на надоместокот за свидетелствата за што ќе постапи Државниот просветен инспекторат.

    Омбдусманот укажува Инспекторатот  да им наложи на училиштата веднаш да ги вратат незаконски наплатените средства за издавање на свидетелство. Тој исто така реагира дека училиштата не смеат да ги условуваат учениците, односно родителите/старателите со претходно уплаќање на определени средства.

    „Народниот правобранител повикувајќи се на уставно загарантираното право на образование кое согласно законската регулатива е задолжително и бесплатно, укажува надлежните органи – Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат веднаш да ги предупредат училиштата дека не смеат да наплаќаат за издавање на овој документ, и да ги санкционираат сите субјекти кои ќе го сторат тоа, односно ќе го прекршат законот“, велат од канцеларијата на Насер Зибери.

    Според Народниот правобранител, недозволиво е училиштата да го користат моментот кога децата/учениците и родителите/старателите имаат краток временски рок за обезбедување на потребните документи за упис и да ги примораат да платат за добивање на документ кој според сите прописи е бесплатен.

    Досега, свидетелствата за завршена учебна година добија само полуматурантите и матурантите заради уписите во средно училиште и на факултетите. Останатите ученици од основните и средните училишта ќе ги добијат во август оти тогаш ќе биде порелаксирана ситуацијата со ковид пандемијата, велат од Бирото за развој на образованието.

    Од Бирото додаваат дела сведителствата ќе бидат обезбедени и за учениците кои имаат итна потреба од свидетелство поради преселба или продолжување на школувањето во странство.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира