ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ НАДОГРАДИ ЛАБОРАТОРИЈА СО ДОНАЦИЈА ОД САД, КОИ ВО КОРОНАКРИЗАТА ДАДОА 2 МИЛИОНА ДОЛАРИ

    ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ НАДОГРАДИ ЛАБОРАТОРИЈА СО ДОНАЦИЈА ОД САД, КОИ ВО КОРОНАКРИЗАТА ДАДОА 2 МИЛИОНА ДОЛАРИДиректорот на ИЈЗ, Мемети, министерот Филипче и американската амбасадорка Кејт Мари Брнз денеска ја претставија последната донација од САД. (Фото: К. Попов)

    Лабораторијата за микробилогија во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) е надградена и има трето ниво на биобезбедност, донација од Амбасадата на САД во земјава, кажаа денеска министерот за здравство Венко Филипче, амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз и директорот на ИЈЗ Шабан Мемети.

    Според министерот, со оваа донација од близу 570 илјади долари, вкупната помош од САД од почетокот на коронакризата е близу 2 милиона долари.

    „Станува збор за надградба на лабораторијата, која е единствена во регионот и има има трето ниво на биобезбедност (biosafety level 3) . Тоа значи дека се сега способни на соодветен начин, акредитиран според највисоките светски стандарди, да детектираат секаков вид на патогени предизвикувачи на каква било болест. Тоа значи дека сме целосно спремни да менаџираме каква било криза, некој нов бран, кој може да нѐ зафати нас, туку и целиот регион“, рече Филипче, додавајаќи дека на овој начин САД покажаа што значи партнерството и трајното зајакнување на системите со цел менаџирање на секаква криза.

    Амбасадорката Брнз кажа дека овој проект го почнале како инвестиција уште во 2018, уште пред пандемијата на ковид-19, и дека и со мала пауза, успеале да го завршат.

    „Ова дава потенцијал за одење напред. Научивме дека овие глобални предизвици може да ги победиме само ако сме сплотени, и со инвестирање во докторите и научниците“, рече американската амбасдорка.

    Во врска со вакцинацијата против ковид-19 во земјава, попладнево се очекуваат 100 илјади „Фајзер“ вакцини, а в недела, 27 јуни, 500 илјади „Синовак“ вакцини.

    Списокот е ревидиран, рече Филипче, без разлика кога се пријавиле граѓаните, ќе добијат термин за вакцинирање во следните две недели.

    „Без разлика кога се пријавиле, почнувајќи од понеделник, односно вторник, по системот највозрасни, па помлади граѓани, сите ќе добијат термин во период од следните две недели“, рече тој.

    Филипче додаде дека денес се префрлени парите од зголемувањето од 5 отсто за сите здравствени работници, кое беше најавено во март, и платата ќе биде зголемена веќе од понеделник.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира