Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го означи почетокот на изградбата на контроверзен канал во Истанбул, што треба да го олесни метежот во Босфор, а за кој критичарите велат дека ќе биде еколошка катастрофа. Истанбулски канал е гигантски воден пат што ќе се гради паралелно со Босфор, што ги поврзува Црното и Мраморното Море.
„Денеска отвораме нова страница во историјата на развојот на Турција“, изјави Ердоган на церемонијата на положување камен темелник на првиот мост од проектот.
Каналот долг 45 километри ќе го поврзе Црното Море со глобалната поморска мрежа, но критичарите го обвинија Ердоган дека инсистираше на проектот кој ќе ѝ донесе на Турција еколошка катастрофа и непотребни масивни долгови. Официјалната цена на проектот е 15 милијарди долари, но на неодамнешна конференција во Франција вистинската сума беше проценета на 65 милијарди.
„Проектот е во интерес на безбедноста на граѓаните на Истанбул и ќе ѝ овозможи на земјата да добие поважно место во меѓународната трговија. Сите етапи од проектот се дизајнирани во согласност со науката“, кажа Ердоган.
Тој првпат ја најави изградбата на овој канал во 2011 година.
„Не можам да спијам ноќе од помислата на овој цементен проект. Имам кошмари од него. Огромното влијание на проектот врз животната средина беше игнорирано во официјални истражувања и пресметки“, вели градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу.