Нѐ чека интензивна работа за ресоцијализацијата на децата, на кои им се смени начинот на живот и имаа проблем со тоа што им се прекина дружбата во коронакризата, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот говореше на настан за отворањето на Центарот за прва психолошка помош и психосоцијална поддршка од Црвен крст, истакнувајќи ја студијата на Универзитетот Харвард со Нордвестерн и уште неколку универзитети во САД, која покажала дека состојбата со менталното здравје сѐ уште не е така како што треба да биде, односно дека кризата оставила последици.
„Сите елементи, нотирани кај учесниците во истражувањето, како проблеми во менталното здравје, во делот на анксиозноста, стравот, сѐ уште траат. Ова е полето на кое треба многу интензивно да се работи по завршување на кризата. Таа здравствена криза никој не ја очекуваше и една од најголемите карактеристи беше што требаше да бидеме раздвоени, што е сосема спротивно на нешто што нѐ учи еволуцијата, на социјализација“, рече Филипче.
Затоа, потенцира, дека токму групата на деца е таа на која ѝ е потребна посебно внимание, дека сега ќе треба да се ресоцијализираат и тоа бара еден поинаков пристап, бара луѓе кои ќе бидат на терен, присутни, спремни и едуцирани да ги препознаат тие проблеми за да можат да им излезат во пресрет, да се даде дополнителна поддршка.
„Затоа инициравме еден заеднички проект со колеги од Србија. Ми се чини дека д-р Стојан Бајрактаров, директорот на Клиниката за психијатрија, веќе е во контакт и со УНИЦЕФ, ја потврдија нивната заинтересираност, значи подигање на нивото на знаењето и тренинг кај психолозите во училиштата конкретно во делот на препознавање на предизвиците во делот на психолошкото здравје на најмладите коишто измината година беа сами, во страв, цело време учеа онлајн. Има повеќе предизвици коишто сега ќе треба да изменаџираат, да се врати дружбата. Во таа смила е и овој центар, нешто што е многу потребно“, кажа министерот.
Според него, Клиниката за психијатрија, со вработените психијатри, психолози, посебно во делот на децата направи еден добар модел со отворање на онлајн консултации, дека работеле посветено и интензивно, практично цело деноноќие.
Учениците лани, ја завршија учебната година со онлајн настава. Учебната година 2020/2021 почна на 1 октомври, наместо на 1 септември, и учениците од прво до трето одделение посетуваа настава со физичко присуство, а останатите онлајн. За учебната година 2021/2022 се подготвуваат три сценарија, а кое ќе се избере ќе одлучи Комисијата за заразни болести согласно епидемиолошката состојба пред 1 септември.
Б. НЕСТОРОСКА