Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка за полов напад врз дете и дистрибуција на детска порнографија, против 39-годишен кумановец, затоа што минатите два месеца ја силувал својата ќерка и снимениот материјал го објавувал на Интерент.
„Осомничениот во својот дом во Куманово, во повеќе наврати во временскиот период од мај до јуни 2021 година, извршил друго полово дејствие врз дете, негова ќерка. Притоа ги снимал дејствијата со мобилен телефон, ги дистрибуирал направените видеа преку социјална мрежа и ги направил достапни на повеќе лица“, соопшти Јавното обвинителство во Куманово.
Таткото ќе одговара за кривичните дела Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член 188 став 1 во врска со член 45 став 1 и Производство и дистрибуција на детска порнографија од член 193-а став 3 во врска со став 1 во врска со став 45 став 1 од Кривичниот законик.
Поради опасност од бегство и повторување на кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Куманово достави Предлог за определување на мерката притвор за осомничениот. Предлогот на Обвинителството е прифатен и со Решение на Судот на осомничениот му е определен притвор од 30 дена.
Од Центарот за социјални грижи во Куманово велат дека се запознаени со случајот, детето вчера е згрижено на безбедно место со оглед дека остана без родителска грижа, тоа е во добра состојба и ќе биде под контрола надзор.
С. НИКОЛИЌ