Граѓанските активисти алармираат за штетноста од депониите на Буково и таа во Струга. Бараат нивно затворање оти, како што велат, во ек на туристичка сезона активно и интензивно го загадуваат целиот регион.
Градоначалниците на Охрид и Струга засега немаат решение. Според Мерко просторот се одржувал, па можело и пикник да се прави. Георгиевски пак вели, општината сама не може да се справи со овој проблем.
„Вие видовте дека во депонијата слободно може пикник да се направи бидејќи не видовте ниедна пластично шише ниедно пластично шише одржано во целост како минатите четири години од претходната администрација кога нон-стоп гореше. Вие сакате да гори или да се одржува, ние ја одржуваме и тоа е тоа“, вели Мерко.
За деценискиот проблем со депонијата на Буково, која изминатиот период во повеќе наврати гореше, а чадот се чувствуваше дури до Охрид, охридскиот градоначалник бара помош од Министерство за животна средина.
„Општина Охрид нема капацитет и ресурси сама да се справи со таа депонија на Буково. Ние се судруваме со децении со овој проблем и го решаваме. Таму нема веќе оган што не значи дека нема пак да се појави. Потребна е помош и ангажман на Министерството за животна средина, за да се премести и затвори таа депонија таму“, вели Георгиески.
Пред точно два месеци започна судски процес за дислокација на дивата струшка депонија, по тужбата на Македонското здружението на млади правници (МЗМП) против Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и Јавното претпријатие Комунално – Струга поради непреземање мерки за справување со дивата депонија која подолг период постои во градот.
Членовите на МЗМП бараат Основниот суд Струга да ги задолжи тужените да забранат понатамошно депонирање на каков било отпад на дивата депонија, да извршат деконтаминација и рекултиривање на просторот во и околу дивата депонија, да се изготви и реализира софистициран план за селектирање и рециклирање на отпадот на територијата на Општина Струга, како и да се зајакне капацитетот на инспекциските служби од областа на заштита на животната средина.
„Постоењето на една ваква депонија и сега и во иднина, претставува сериозна опасност по здравјето и животот на луѓето, на животната средина и со тоа предложени се конкретни мерки за дислокација од местото каде се наоѓа“, изјави адвокатот и граѓански активист, Глигорие Ќатоски.
На годишно ниво во Општина Струга се одлага околу 40.000 тони отпад кој завршува на депонијата која е оддалечена само еден километар од градот а институциите го игнорираат проблемот цели 15 години. Според Ќатоски натрупаните илјадници тони животински и медицински отпад дополнително ја потврдуваат штетноста која ја прави оваа депонија.
„Ова чудовиште мора да се тргне оттука“, вели Ќатоски.
Стружани пред три години организираа и протести оти неколку месеци намерно се палеше дивата депонија и чадот го загадуваше градот.
Граѓанските активисти велат дека нема да се откажат од битката за чиста животна средина сè додека депониите не се дислоцираат трајно од тие локации.
С. ВРЕНЦОВСКА