Охридско-струшкото крајбрежје е мир, а не бетонски рај. Замолувам и повикувам, доаѓајте со респект во Охрид. Охрид не е забавен парк, рече вечерва министерката за култура Ирена Стефоска на отворањето на 61. Охридско лето во Античкиот театар. Стефоска говореше дека ниту Охрид е без Охридско лето, ниту Охридско лето е без Охирд, и дека магијата е взаемна како што е магичен и целиот регион.
„Посетете ја питомата Струга, Струга не е само уште еден град. Прошетајте ја живописната Дебрца. Дебрца не е депонија. Искачете ја Галичица и напојте го погледот со убавина. Галичица не е само уште една планина. Охридското Езеро е редок дар, а не базен“, рече министерката.
УНЕСКО на 22 јуни ја објави предлог-одлуката Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на Светско наследство во опасност на претстојниот состанок на Комитетот за Светско наследство во Фужоу, Кина, кој ќе се одржи од 16-31 јули.
„Регионот е волшепство од природата и наследство на историјата. Тапијата е во наши раце само на чување и затоа мора да ја сочуваме – не заради УНЕСКО, туку заради оставениот аманет кој е и наша обврска и наша чест“, додаде Стефоска.
Пораката во име на уметниците ја пренесе уметничката директорка на Балетот во Националната опера и балет (НОБ) Олга Панго, која кажа дека уметниците ќе ја пренесат пораката онака како што најдобро знаат – од сцената, која последнава година и половина премногу им недостасува.
Фестивалот за отворен го прогласи покровителот, претседателот Стево Пендаровски. Свеченото отворање е со проектот „Големиот Чајковски“ на НОБ. На сцената на Античкиот театар излегоа над 90 уметници: балетски првенци, солисти, како и ансамблот и оркестарот на НОБ, под диригенство на Бисера Чадловска.
До 20 август, на Охридско лето ќе има 34 концерти и шест театарски претстави, во кои ќе учествуваат над 500 уметници од 18 земји.
Затворањето е со Југословенско драмско позориште од Белград со претставата „На отворено море“ од Бранислав Нушиќ во режија на Егон Савин.
Б. НЕСТОРОСКА