Изминативе три дена регистрирани се 65 нови болни од ковид-19, со што бројот на активни случаи сега повторно е над 200. Според денешниот извештај на Министерството за здравство, активни случаи во земјава се 225, а пред една недела бројката падна на 160.
Од сите позитивни, во болниците низ земјава се лекуваат 18 пациенти и тоа осум на Инфективната клиника, во болниците во Велес и Гостивар има по 4, во Битола два и во Куманово еден. Останатите активни болни, се или асимптоматски или се на домашно лекување со лесна клиничка слика.
Во Скопје болни со ковид-19 се лекуваат само на Инфективната клиника, каде денеска се примени двајца возрасни сопружници кои како и останатите пациенти не се вакцинирани. Директорката на Инфективна Милена Стевановиќ, вели дека во моментов нема зголемување на бројот на пациенти на кои им треба болничко лекување, но очекува во наредниот период да се зголемат бројките, а со тоа и бројот на хоспитализации.
„Во моментов имаме само осум пациенти, но се подготвуваме за зголемување на бројката. Очекувам за три до четири недели да се зголемат бројките на позитивни случаи поради прославите, движењата и патувањата на граѓаните. Во сите земји е така, па не можеме ниту ние да бидеме изоставени од зголемување на случаите. Не очекувам да имаме бројки како лани, но граѓаните и понатаму треба да останат внимателни, да се придржуваат за препораките и најважно да се вакцинираат“, вели Ставановиќ.
За хоспитализираните случаи со делта сојот, Ставановиќ вели дека симптомите и клиничката слика на болните е речиси идентична како кај британскиот сој на коронавирусот.
Најголем број активни болни со ковид-19 има во Скопје 86 и Тетово 73. Во Гостивар, Охрид и Куманово позитивни се по 11 лица.
А. АНТЕВСКА