ЖИТЕЛИТЕ НА ВЕВЧАНИ ОДБРАА ДА СЕ РЕНОВИРА ГРАДИНКА И ЦЕНТАР ЗА ПЕНЗИОНЕРИ СО ПАРИ ОД ШВАЈЦАРИЈА 

    ЖИТЕЛИТЕ НА ВЕВЧАНИ ОДБРАА ДА СЕ РЕНОВИРА ГРАДИНКА И ЦЕНТАР ЗА ПЕНЗИОНЕРИ СО ПАРИ ОД ШВАЈЦАРИЈА Со парите од проектот „Зајакнување на општинските совети“ реновирана е градинката „Планински цвет“ во Вевчани. (Фото: СДК.МК)

    Комплетно опремен и реновиран дневен центар за пензионери и реконструкција и адаптација на просториите во градинката „Планински цвет“ во Вевчани, се дел од реализираните активности во рамките на проектот на Швајцарската Амбасада „Зајакнување на општинските совети“, спроведен од Програмата за развој на обединетите нации (УНДП), а финансиран од Швајцарската агенција за развој СДИ. Советниците пак добија обуки и поддршка за планирање и трошење на општинските буџети.

    Со овој проект, после 40 години, децата добија игралиште со нови играчки и реквизити, повозрасните пак простор за дружба и рекреација. Набавена е и опрема за пренос на седниците на Совет на Општина Вевчани во живо.

    „Покрај проектите избрани од самите граѓани на Вевчани, преку форумите во заедницата, се реализираше и проект за ИКТ алатки за транспарентност на Советот и општината, преку кој УНДП набави и инсталираше современа аудио и видео опрема со што за прв пат се овозможи пренос на седниците на Советот на општина Вевчани во живо. Вклученоста на советниците во проектот преку Програмата за развој на капацитетите на советниците и тематските работилници и вмрежување е од особено значење за Oпштината“, рече градоначалникот на Вевчани Сашо Јанкоски.

    „Правиме напори да се зајакне улогата на општинските совети и да им се овозможи соодветна обука, можности за вмрежување и професионална соработка, на национално и меѓународно ниво. За нас во Швајцарија ваквата методологија е многу важна таа всушност треба да се базира врз она што е потреба на самите граѓани. Значи тие ги утврдиле своите потреби за таа инвестиција и таквата поддршка е всушност во прилог на нивниот интерес. Инвестирањето во младите е многу важно тоа е инвестирање во иднината“, изјави амбасадорката Сибил Зутер Техада.

    Со проектот, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка 18 општини, Центар, Куманово, Брвеница, Желино, Гостивар, Струга, Кочани, Кавадарци, Могила, Ѓорче Петров, Тетово, Крушево, Вевчани, Зрновци, Чашка, Богданци, Битола и Берово добија по 2 милиони и 700 илјади денари.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира