УНЕСКО ДАДЕ УШТЕ 2 ГОДИНИ РОК ЗА ОХРИД ДА ГО ЗАШТИТИ ПРИРОДНОТО НАСЛЕДСТВО

    УНЕСКО ДАДЕ УШТЕ 2 ГОДИНИ РОК ЗА ОХРИД ДА ГО ЗАШТИТИ ПРИРОДНОТО НАСЛЕДСТВООдлуката предвидува прецизна листа на обврски и временски рокови, како и строг надзор од УНЕСКО за исполнување. (Фото: СДК.МК)

    Охридскиот Регион уште 2 години нема да биде впишан на Листата на светски културни и природни наследства во опасност, откако Комитетот за светско наследство денеска одлучи Македонија и Албанија да добијат уште две години да ги исполнат препораките на УНЕСКО. Оваа одлука предвидува прецизна листа на обврски и временски рокови, како и строг надзор од УНЕСКО за исполнување.

    Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одлуката ја донесе попладнево на 44-та седница во Фужоу, Кина, по тридневни интензивни консултации на делегациите откако Норвешка и Австралија беа против предлогот Македонија и Албанија да добијат дополнитеен рок до 2023 за отстранување на проблемите кои ги загрозуваат универзалните вредности на Охридскиот Регион. Првичен предлог на Реактивната мисија беше Охридскиот Регион да се стави на Листата наследство во опасност, но тоа беше изменето завчера по амандманот предложен од Босна и Херцеговина.

    „Остануваме впишани на престижната листа на УНЕСКО. Но, ако целото крајбрежје, целото културно наследство, ако нашите Охрид, Струга и Дебарца не се впишани во нашите срца, бадијала е впишувањето или отпишувањето од која било листа“, вели министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Ирена Стефоска.

    На крајот на сесијата, министерот за животна средина Насер Нуредини му се заблагодари на Комитетот што ги препознал напорите на двете држави и што даде дополнителен период за целосно да се заврши започнатата работа и за целосна имплементација на добиените препораки.

    „Задоволни сме што Охридското Езеро и регионот ќе добијат шанса да го одржат својот статус и во дадениот рок ќе имаме време да ја комплетираме заштитата на ова исклучително природно и културно наследство. Сепак, ова значи и дополнителна одговорност, така што сега е време навистина заедно да работиме и да осигураме дека во иднина нема пак да се најдеме во иста ситуација. Затоа, ги поканувам сите партии, приватниот сектор, локалната власт и граѓанските организации да соработуваат и да придонесат за заштитата на Езерото и на целиот регион“, рече Нуредини и додаде дека верува оти соработката за заштита на Охридскиот Регион ќе биде пример за регионална соработка.

    Претставникот на Охрид СОС го осуди дадениот дополнителен рок од 2 години, и кажа дека со истата одлука во 2019 Комитетот на УНЕСКО придонесе Охридскиот Регион да има 2 години повеќе за бетон, ѓубре и загадување и дека и со оваа одлука ќе се случи истото.

    „Во 2019 година со вашата одлука за Охридскиот Регион овозможивте дополнителни две години бетонирање на брегот на Охридско Езеро, дополнителни две години влевање гнасотии во неговите води и дополнителни две години трупање на отпадот во супстандардните депонии во неговиот слив. Исто така, прифативте дополнителни две години изговори, одложувања, лажирање, заблуди и кревки планови кои обезбедуваат доволно заштита само на експлоатацијата. Во 2021 со висока веројатност го овозможивте истото“, рече претставникот на Охрид СОС на крајот од сесијата.

    Минитерката Стефоска вели дека оваа одлука е последен момент, последен аларм да се интензивираат активностите на сите засегнати страни со цел да се зачува статусот на Охридскиот Регион.  Таа вели дека Комитетот со оваа одлука го препозна и уважи напредокот на Македонија и Албанија за зачувување и на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион. Таа вели дека со оваа одлука, Македонија и Албанија се обврзаа да донесат заеднички стратешки план за рехабилитација на Регионот и дополнително да го подигнат нивото на билатералната заштита и управување со светското наследство. Двете земји добиваат повеќе време за да ги исполнат препораките кои произлегуваат од реактивните мониторинг мисии и одлуките на Комитетот.

    Покрај засилената конкретна соработка со Албанија, во периодот кој претстои, Стефоска вели дека се засилува соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери со цел соодветна рехабилитација и управување со Охридско-Струшкиот Регион.

    Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО од 2020 забележа дека е направено премалку да се запре уништувањето на урбаниот и поширокиот пејзаж со несоодветни конзервација, реконструкција и развој. Мисијата смета дека високите објекти близу до езерото, слабиот архитектонски квалитет на изграденото (посебно во поголемите градови Охрид, Струга и Поградец, но и долж брегот надвор од градовите), и несоодветната и претерана употреба на крајбрежјето за туристичка инфраструктура, имаат големо негативно влијание на универзалната вредност на Охридскиот Регион.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира