Втор ден по ред воздухот во Велес е со високи концентрации на ПМ 10 честички и јаглен моноксид. Ваквата состојба е откако во вторникот попладне се запали депонијата за комунален смет.
Во текот на ноќта многумина велешани ги разбуди лошата реа на изгорено и чад. Екологистите уште вчера порачаа дека чадот кој се испушта од депонијата е канцероген, а во Велес нема локален ниту државен инспектор за животна средина, кој итно ќе постапува по ваквите предмети.
„Повеќе од 48 часа Велес е окован во чад, се гуши. Надлежните треба да си ја вршат работата. Велес нема еколошки инспектори, тие треба да бидат на терен. Состојбата е алармантна. Резултатот од ова ќе го видиме за некој ден, кога ќе има зголеми број на респираторни заболувања, особено кај децата“, кажа Даниела Јовановиќ, од еколошкоот друштво „Вила Зора“.
Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски вели дека дале задача пожарот на депонијата да се локализира.
„Преземавме сè што е во нашите можности и надлежности. Активирани се службите од ЈКП ‘Дервен‘ и противпожарната единица, да се стави под контрола пожарот“, кажа Коцевски.
Од Државниот инспекторат за животна средина соопштија дека нивна екипа ќе изврши увид на депонијата за комунален смет, која се наоѓа на влезот во Велес, од правец на Штип.
П. ПЕЧКОВ