Жителите на населбата Лозово покажаа исклучително висок интерес за теренска вакцинација за заштита од ковид-19. Во три наврати екипите на Здравствен дом од Свети Николе ја посетија амбуланта во селото, а беа и по четврти пат, за да се аплицира втора доза по првпат. Во првиот наврат на 12 јули, на Петровден, во Лозово беа аплицирани 42 вакцини, во следниот 33, а во третата посета 20. При денешната посета, втора доза вакцина примиле 40 лица, а прва доза десет.
„Во населбата поради големиот интерес доаѓавме во три наврати. Денес се пушта втора доза, ревакцинација, има интерес и некои лица да примат прва доза. Се аплицира вакцината на ‘Синовак’. Луѓето доаѓаат, се пренесува од поединец на поединец, идат масовно“, вели д-р Сара Симоновска.
Голем број лица се вакцинираа и во соседните села Дорфулија и Каратманово, каде во еден ден се аплицирале 110 вакцини во прва доза. Освен што можеа да се вакцинираат во вакциналниот пункт во Велес, жителите од Лозово максимално ја искористија можноста да се вакцинираат во нивното место, велат дека „за живот се работи“.
Најголем интерес за теренската вакцинација покажаа жителите на населба Градско, каде сите 160 вакцини, колку што може да собере еден фрижидер, биле аплицирани, а пак останеле граѓани кои не биле вакцинирани.
П. ПЕЧКОВ