Лео Меси изјави дека трансферот во Пари Сен-Жермен (ПСЖ) е можност, потврдувајќи го своето заминување од Барселона на емотивната прес-конференција на „Камп ноу“, на која постојано плачеше. Меси е принуден да ја напушти Барселона по 21 година бидејќи клубот поради правилата на шпанското првенство не може да си го дозволи договорот кој претходно бил постигнат.
„Јас и моето семејство бевме убедени дека ќе останам овдека, дома. Јас со ова завршувам со овој клуб и почнувам нова приказна. Да, ова е еден од најтешките моменти за мене. Не сакав да го напуштам клубот и ова е момент што не го очекував. Лани сакав да си одам, сега сакав да останам. Ми се смрзна крвта кога ми кажаа дека мора да си одам. Затоа сум многу тажен и сè уште се обидувам да го прифатам сето ова“, изјави 34-годишниот Меси.
Тој веќе ги почнал преговорите со ПСЖ, каде што би преминал без обесштетување.
„Тоа е можност, но засега ништо не сум договорил со никого. Неколку клуба се заинтересирани и засега само се разговара“, кажа Меси.
„Л‘Екип“ објави дека Меси вечерва или утре ќе има лекарски прегледи во Париз, а новинарот Диего Монроиг откри дека ПСЖ ја резервирал Ајфеловата кула за вторник, што се поврзува со промоцијата на Меси.
Меси ја напушта Барселона по 778 настапи и 672 постигнати гола и со освоени десет титули во шпанското првенство и четири во Лигата на шампионите меѓу вкупно 35 трофеи.
„Ја завршувам мојата кариера овдека со големо количество трофеи. Предложив да ми ја намалат платата за 50%, но клубот има огромен долг и не беше возможно да останам“, заклучи Меси.