ВО АВГАНИСТАН СЕ 100 МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ, ДОСЕГА НЕ Е ПОБАРАНА ПОМОШ ЗА ИЗВЛЕКУВАЊЕ, ВЕЛАТ ОД МНР

    ВО АВГАНИСТАН СЕ 100 МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ, ДОСЕГА НЕ Е ПОБАРАНА ПОМОШ ЗА ИЗВЛЕКУВАЊЕ, ВЕЛАТ ОД МНРKомпаниите кои ги ангажираат работниците во Авганистан имаат резервирано сопствени летови за евакуација на нивните работници. (Фото: АП)

    Не е побарана асистенција за извлекување на македонски државјани од Авганистан, иако во изминативе 24 часа на дежурните телефони во Министерството за надворешни рабoти (МНР) се пријавени неколку граѓани кои имаат свои роднини или пријатели таму, соопшти МНР.

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи соопшти дека од турскиот колега Мевљут Чавушоглу добил уверување оти ако има потреба, Турција ќе помогне и за извлекување на наши граѓани од Авганистан, со оглед дека турското присуство во Кабул е стабилно и располагаат со доволно логистички капацитет за трансфер на нивните граѓани.

    Од Министерството велат дека денес некои од пријателските земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Македонија.

    „Според последните сознанија, околу 100 наши граѓани се идентификувани дека се сѐ уште присутни во Авганистан, и сега за сега сите се наоѓаат на безбедни локации. Според последните информации кои ги добивме, компаниите кои ги ангажираат работниците не се соочуваат со потешкотии и имаат резервирано сопствени летови за евакуација на нивните работници, а дел од нив веќе се префрлени во некои од соседните земји и нивниот трансфер дома не е спорен“, велат од МНР и додаваат дека будно ја следат состојбата во Авганистан, за што е формирана и посебна работна група.

    Талибанците денеска влегоа во предградијата на главниот град на Авганистан Кабул, и велат дека чекаат „мирен трансфер“ на градот откако ветија дека нема да го заземат со сила. Според официјални извори, талибански претставници се упатени кон претседателската палата за да преговараат со претседателот Ашраф Гани за предавање на власта.

    Но поради неизвесноста, испаничените работници бегаат од владините згради, а хеликоптери слетуваат во амбасадата на САД која се евакуира со помош на 5.000 американски војници. Властите потврдија за АП дека талибанците се влезени во три квартови на главниот град. Очевидци тврдат дека речиси немало никаков отпор кон напредувањето на талибанците.

    „Ничиј живот, имот или достоинство нема да буде повреден, а животите на жителите на Кабул нема да бидат во опасност“, соопштија талибанците.

    Но сепак, американската и другите амбасади забрзано се евакуираат, а жителите се во паника.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира