Еден од основачите и лидерите на талибанците Мула Абдул Гани Барадар се врати во Авганистан за првпат по повеќе од десет години, додека тие продолжуваат да ја консолидираат својата власт во земјата. Претставник на талибанците изјави дека лидерите ќе му се покажат на светот и веќе нема да живеат во тајност, како што беше во минатото.
„Полека и постепено, светот ќе ги види нашите лидери, веќе нема да има превез на тајност“, кажа висок претставник на талибанците.
Таков е случајот и со портпаролот Забихула Муџахид, кој вчера првпат се појави во јавност кога одржа прес-конференција во Кабул. Тој притоа сугерираше дека талибанците овојпат ќе владеат поумерено, во споредба со претходните периоди кога беа на власт.
„Не сакаме да имаме надворешни и внатрешни непријатели“, изјави Муџахид, со кого новинарите во изминатите десет години комуницирале само преку телефон.
Тој кажа дека на жените ќе им биде дозволено да работат и учат, но во рамките на исламските закони.
За време на последното владеење од 1996 до 2001, на жените им беше забрането на работат и мораа да носат бурка која им го покриваше целото тело кога излегуваа надвор или беа во придружба на машки роднина, додека девојчињата не смееја да одат на училиште. Европската Унија кажа дека ќе соработува со талибанците доколку ги почитуваат основните права.
Истовремено, од аеродромот во Кабул продолжуваат евакуациите и со воени авиони досега заминале повеќе од 2.200 дипломати и цивили. Засега е непознато кога ќе биде обновен цивилниот воздушен сообраќај.