ПОТРЕБЕН Е КОВИД СЕРТИФИКАТ ЗА СИТЕ КАФЕАНИ И КАФУЛИЊА БЕЗ РАЗЛИКА ДАЛИ ИМА ПОД ИЛИ НАД 3О ГОСТИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ПОТРЕБЕН Е КОВИД СЕРТИФИКАТ ЗА СИТЕ КАФЕАНИ И КАФУЛИЊА БЕЗ РАЗЛИКА ДАЛИ ИМА ПОД ИЛИ НАД 3О ГОСТИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕКовис сертификати во угостителски објекти во земјава се задолжителни од 16 август. (Фото: Ѓ. Личовски)

    За сите угостителски објекти и за организација на сите настани, едукации, културни случувања, без разлика дали имаат под 30 или над 30 гости, задолжително е да се приложи ковид сертификат, повтори денеска министерот за здравство Венко Филипче.

    Владата вчера донесе одлука дека за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:

    • сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот САРС-КоВ-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест ковид-19 или
    • сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

    Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе луѓе, како и за влез во затворениот дел од моловите.

    „Единствена разлика е во тоа што, ако има над 30 гости, објектот треба да има редарска служба која ќе ги проверува сертификатите. За тоа кој ќе биде редар, тоа е веќе техничко прашање во надлежност на угостителите и трговските центри. Контрола ќе вршат инспектори од Државниот пазарен инспекторат“, појасни Филипче на новинарски прашања на одбележувањето на 18 август, Денот на Армијата.

    Според последните информации од Министерството за здравство, на  вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 612.391 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 11.732 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 17.427 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.097.855 дози вакцини, а ревакцинирани се 485.464 граѓани.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира