Американските здравствени власти ќе ја понудат третата доза од вакцината против ковид-19 на сите Американци со цел да се зголеми нивната заштита среде ширењето на делта сојот и поради доказите дека делотворноста на вакцините се намалува со тек на време. Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) објави дека третата доза ќе се дава осум месеци по примањето на втората доза од вакцината на „Фајзер“ или „Модерна“. Дополнителното вакцинирање ќе почне од 20 септември.
„Нашиот план е да го заштитиме американскиот народ, да биде чекор напред пред вирусот“, изјави директорката на ЦДЦ, Рошел Волански.
И оние што се имунизирани со една доза од „Џонсон и Џонсон“ веројатно ќе требаат уште една вакцина, за што се чекаат дополнителни податоци.
„Многу е јасно дека ефективноста на вакцината слабее со тек на време, а со брзото ширење на позаразниот делта сој, гледаме докази за намалена заштита од благо и умерено разболување. Според нашите најнови проценки, сегашната заштита од сериозно разболување, хоспитализација и смрт би можела да се намали во наредните месеци“, соопшти ЦДЦ.
Светската здравствена организација ја критизираше одлуката на САД во услови кога сиромашните земји сè уште немаат добиено доволно дози ниту за почетното вакцинирање. Исто така, некои експерти изразија загриженост дека ова дополнително ќе ги зголеми сомнежите во делотворноста на вакцините.