Министерот за здравство Венко Филипче смета дека мерките кои во моментов се на сила, односно забрана за влез во кафулиња и кафеани на невакцинирани лица, треба да останат. Откако Стопанската и угостителската комора побара да се дозволи организација на поголеми настани со ПЦР тест, а не само со вакцина, Филипче вели дека поентата на мерките е да се имунизира населението, а не да се дава алтернативен начин за влез во затворени објекти.
„Барањата на угостителите утре ќе ги разгледува Комисија за заразни болести и Комитетот за имунизација. Сметам дека овие мерки треба да останат исти сè додека уште повеќе не се зголеми бројот на вакцинирани лица. Во моментов со прва доза се вакцинирани 660.000 граѓани, а ревакцинирани се 501.000. Очекувам да имаме уште поголема имунизација со отворање на малата сала во арената Борис Трајковски‘. Нашите проценки се дека до средината на октомври ќе бидат вакцинирани 1 милион граѓани, што е 70 проценти од возрасното население“, кажа министерот Филипче.
Досега 65 проценти од вработените во образованието се вакцинирани против ковид-19, а сличен е процентот и во градинките. Сите здравствени работници кои работат со ковид пациенти се вакцинирани, а од вкупниот број процентот е 75 проценти целосно вакцинирани во здравството.
Филипче кажа дека болниците се подготвени да се справат со овој нов бран на вирусот, дека се прават организации и дека ќе бидат отворени дополнителни капацитети доколку напливот на пациенти се зголеми уште повеќе.
А. АНТЕВСКА