Владата не размислува да воведе карантин во градовите со висока стапка заболени лица со ковид-19. Премиерот Зоран Заев денеска, одговарајќи на новинарско прашање за можни нови мерки поради големиот број нови случаи и високата стапка на смртност, рече дека во моментов бројките се стабилизирани, нема зголемување и дека во наредниот период следи намалување на бројките.
„Според она што го добивам како информација како премиер е дека состојбата во Тетово и Гостивар е стабилизирана, силата на вирусот се намалува, мерките кои ги донесовме даваат резултат. Нема дискусија за карантин оти мислиме дека бројките во следниот период ќе се намалуваат. Во однос на смртните случаи, она што го знам е дека станува збор за граѓани кои имале и други болести. Тоа што, се случува кај нас, се случува и секаде во светот и во однос на бројките и во однос на смртноста“, кажа Заев.
Во моментов, бројот на активни ковид болни во земјава е 12.673. Вчера беа регистрирани 1.166 нови случаи, а починаа 29 болни, меѓу кои 21-годишен тетовец без познати коморбидитети.
А. АНТЕВСКА