Изминативе два-три дена во Клиничката болница бројот на хоспитализираните лица со ковид-19 е во благо опаѓање. Исто така намелен е и бројот на амбулантски прегледи што е еден индикатор за зголемување или намалување на бројот на заразени лица со ковид-19. Сепак, и покрај ова, тетовските доктори апелираат на строго почитување на мерките и на што помасовна вакцинација.
„Во изминативе 24 часа имаме намалување на бројот на новозаболени лица. На нашите одделенија имаме хоспитализирано 116 пациенти и сите се на кислородна поддршка. За жал, поаголемиот број од нив се невакцинирани, а само шест од нив се вакцинирани само со една доза. Во овој период имаме двајца починати пациенти, што е драстично намалување во однос на периодот од пред една-две недели. Едниот починат пациент е на возраст од над 50 години а вториот е над 80 години. Исто така се намалува и бројот на амбулантските прегледи па во изминативе 24 часа имавме 99 прегледи. Овие денови паѓа бројот на заболени, а расте бројот на вакцинирани лица па тоа може да води кон натамошно намалување на бројот на заболени лица“, изјави др Миранда Пајазити, доктор во ковид центарот во Тетово.
Во изминативе две недели во тетовскиот ковид центар секојдневно имаше меѓу 120 и 124 хоспитализирани пациенти, бројот на починати доаѓаше и до 10 лица на ден, а на абулантски прегледи дневно доаѓаа и над 200 лица.
З. АНДОНОВ