ПРАШАЊАТА ЗОШТО НЕМАМЕ 1.000 ЕВРА ПЛАТА И ЗОШТО МЛАДИТЕ СЕ ИСЕЛУВААТ СЕ АПСОЛУТНО ЛЕГИТИМНИ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ

    ПРАШАЊАТА ЗОШТО НЕМАМЕ 1.000 ЕВРА ПЛАТА И ЗОШТО МЛАДИТЕ СЕ ИСЕЛУВААТ СЕ АПСОЛУТНО ЛЕГИТИМНИ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИПендаровкси до цитираше Манифестот на АСНОМ во кој се вели, „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме“, додавајќи дека уште поважно е да знаеме во каква држава сакаме да живееме. (Фото: К. Попов)

    Земјава ќе биде пристојно место за живеење ако сите се вложиме во тоа, а секако најголема одговорност имаат оние кои ја водат. Со сите свои недостатоци, власта која нашите граѓани ја избираат на слободни избори не може да биде полоша од било која власт однадвор наметната, рече претседателот Стево Пендаровски во говорот на центарлната прослава за одбележување на 30-годишнината од независноста на државата, пред Собранието.

    Пендаровски во говорот кажа дека овие триесет години опстојот и просперитетот на нашата независна македонска држава зависат од два процеса, и тоа од внатрешната инклузивност и од надворешната интегрираност.

    „Овие две оски на нашата стабилност не секогаш беа ускладени. Понекогаш тоа беше поради притисокот на надворешните фактори врз кои ние немавме никакво влијание. Негирањата и заканите, двојните стандарди, политичките блокади на нашите интегративни процеси ни одзедоа премногу време и енергија. Затоа, направивме тешки, но неопходни политички компромиси, со цел да отвориме нови перспективи и да излеземе од изолацијата во која некои свесно не туркаа. Но, да бидеме искрени, за дел од проблемите сме и самите виновни. Години и години изгубивме додека се обидувавме да извршиме историски инженеринг врз нашето потекло и корени кои се неспорни и одамна потврдени, или кога некои права поврзани со статусот и вклученоста на етничките заедниците во заедничката држава долго време ги држевме на маргините“, рече Пендаровски.

    Пендаровски се осврна и на масовното иселување на младите, посочувајќи дека тоа се случува тогаш кога ќе престанат да веруваат дека државата може да обезбеди услови за пристоен живот достоен за човекот во 21-от век.

    „Прашањата зошто имаме 450 евра просечна плата, а не илјада, дали бројката на невработени и иселени мораше да биде толку висока, или за квалитетот на услугите кои државата ги испорачува на граѓаните, се апсолутно легитимни. Не треба да бегаме од фактот дека тие проблеми и потешкотии го проблематизираат ефектот од владеењето на сите политички елити од независноста до денес, меѓутоа, тоа на ниеден начин не ја поткопува идејата, не го негира историскиот императив да имате независна, слободна и конечно и најважно, наша, сопствена држава“, рече Пендаровкси.

    Пендаровски до цитираше Манифестот на АСНОМ во кој се вели, „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме“, додавајќи дека уште поважно е да знаеме во каква држава сакаме да живееме.

    „Ако сакаме младите генерации да останат во земјата и тука да живеат, да работат и создаваат иднина, мора да се потрудиме повеќе како држава и да им обезбедиме услови да успеат дома, во својата земја. Денес, кога го празнуваме континуитетот на трите наши Илиндени, не треба да изгубиме од предвид дека да се има сопствена, независна држава е голема привилегија, но и голема одговорност. Ние немаме резервна татковина. Ова е нашиот единствен, заеднички дом и тој ќе биде пристојно место за живеење само доколку секој од нас го вложува во него својот труд и својата совест. Притоа, се разбира дека одговорноста е најголема кај оние кои ја добиваат честа да ја водат Општината, градот, владата или државата. Апсолутно сум убеден дека ако секој од нас се вложи за таа кауза до крај, без остаток, без калкулации, тогаш ќе имаме држава со која сите ќе се гордееме“, рече Пендаровски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира