„Настан“, вториот филм на француската режисерка Одри Диван, го освои Златниот лав на 78. издание на Венецискиот филмски фестивал. Филмот е драма за абортусот на млада девојка во 1960-те, а претседателот на жирито, корејскиот оскаровец Бонг Јон-хо, рече дека победникот го избрале едногласно. „Настан“ ја освои и наградата на критиката ФИПРЕСЦИ.
Диван е шеста жена која освоила Златен лав досега. Пред неа се Клое Жао, која годинава беше членка на жирито, а лани победи со „Земја на номади“, Маргарета Фон Трота со „Маријане и Јулијане“, Ањес Варда со „Вагабонд“, Мира Наир со „Монсунска венчавка“ и Софија Копола со „Некаде“.
Паоло Сорентино освои Сребрен лав за најдобар филм за „Божја рака“, а Филипо Скоти за најдобар млад актер за улогата во овој филм. Џејн Кемпион освои Сребрен лав за најдобра режија за „Моќта на песот“. Меги Џиленхал е наградена за најдобро сценарио за нејзиното режисерско деби „Изгубената ќерка“.
Пенелопе Круз освои награда за најдобра актерка за „Паралелни мајки“ на Педро Алмодовар, а најдобар актер е Филипинецот Џон Арчила во „На работа: Исчезнатите 8“. Италијанскиот автор Микеланџело Фрамартино освои Специјална награда на жирито за „Дупка“.
Во селекцијата Хоризонти најдобар филм е „Аџија“ на Луринас Бареиша.
Во Хоризонти светска премиера имаше и косовскиот филм „Вера сонува за морето“ на дебитантката Калтрина Красниќи, во кој копродуцент е и Македонија со „Дрим фектори“. „Вера сонува за морето“ освои две од паралелните награди на Венецискиот фестивал кои ги доделуваат други институции. Дебито на Красниќи ја освои специјалната награда „Валентина Педичини – авторки под 40 години“. Исто така, ја освои и наградата „Едипо Ре за инклузија“, што ја доделува Универзитетот во Падова и на филмот ќе му донесе кинодистрибуција во 5 италијански градови.
Во филмот главната улога ја игра макдонската актерка Теута Ајдини-Јегени, а игра и Рефет Абази. Сценариото е на Дорутина Баша, кинематографер е Севдије Кастрати, монтажер е Владимир Павловски, снимател на звук е Игор Поповски, композитор е Петрит Чеку, дизајнер на звук е Дарко Спасовски, а македонски продуцент е Огнен Антов.