ДИРЕКТОРИТЕ ВО ЗДРАВСТВОТО СЕ ПОСТАВУВААТ ПОЛИТИЧКИ, А В. Д. СЕ ЗАРАДИ КОМПЕТИТИВНОСТ, ВЕЛИ ЗАЕВ

    ДИРЕКТОРИТЕ ВО ЗДРАВСТВОТО СЕ ПОСТАВУВААТ ПОЛИТИЧКИ, А В. Д. СЕ ЗАРАДИ КОМПЕТИТИВНОСТ, ВЕЛИ ЗАЕВПремиерот Зоран Заев во посета на болницата „8 Септември“ пред три години. (Фото: СДК.МК)

    На здравствените институции се поставуваат в.д. директори заради транспарентна постапка за избор на директор, рече премиерот Зоран Заев денеска во Штип одговарајќи на новинарско прашање зашто директори на болници или клиники со години се вршители на должност.

    САКАМДАКАЖАМ.МК денеска објави дека директорот на Тетовската клиничка болница д-р Флорин Бесими 11 години бил вршител на должноста, пред да ја најави својата оставка на Фејсбук по трагичниот пожар во ковид центарот во модуларната болница во Тетово.

    „И на здравствените установи најголем дел од директорите се поставуваат политички затоа што политичката одговорност граѓаните ја пренесуваат на политичарите и тие ја преземаат преку политичко поставени луѓе. Наша желба е лекари да ја водат институцијата и затоа најголем дел од директорите се лекари. Најголем дел од сите директори се в.д. (вршители на должност, н. з.)  заради самите транспаренти постапки и потоа даваме можност на компетитивна основа да се јават на оглас за избор на директор. 80 отсто се назначени директори“, рече Заев на увид во завршната фаза на пречистителната станица во Штип.

    Според Законот за здравствена заштита, в. д. директор може да биде на функција најмногу до 6 месеци, а Управниот одбор на болницата е должен да распише оглас за избор на директор, кого по препорака на Здравствениот совет го именува министерот за здравство. За функцијата директор на јавна здравствена установа мора да се исполнат одредени критериуми. Бесими два дена после пожарот во Ковид-центарот во Тетово во кој загинаа 14 лица објави на својот фејсбук дека си поднесува оставка. Оставки поднесоа и министерот за здравство Венко Филипче и заменик-министерот Илир Хасани.

    Заев и денеска повтори дека уште не донел одлука дали ќе ги прифати оставките додавајќи дека чека да ги добие резултатите од истрагата.

    „Чувството за морална одговорност е разбудено. Не можеме да ја распуштиме државата кога се случуваат несреќи. Тагата е голема, но трагедии се случуваат секаде во светот. Многу е важно дали целиот систем е добро поставен, кои биле слабости. Гледате од оваа трагедија се извлечени поуки  и долг период пред нас ќе биде со сериозен мониторинг на системот. Сите треба да учиме од слабостите на системот“, рече Заев.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира