Денеска завршува рокот за аплицирање за ученички стипендии во рамките на Конкурсот за доделување на 520 стипендии за социјална поддршка на ученици од јавните средни училишта. Меѓутоа, од 1 септември до денес, голем број ученици или нивни родители од Скопје, но и од градовите во внатрешноста морале лично во Министерството за образование и наука (МОН) да ги поднесуваат документите само поради тоа што имале проблеми и биле оневозможени да достават електронска апликација на најавениот линк.
Вакви реакции имаше вчера и денеска од учениците и нивни родители дојдени од Штип, Кочани, Прилеп и многу други градови во Македонија, но и од Скопје кои ги имале истите проблеми.
„Неколку дена се обидувавме и баравме начин да аплицираме електронски за стипендија, но не успеавме во тоа. Системот како да беше блокиран. Затоа, се решивме на едно вакво решение кое е трошок за сите нас, но и малтретирање да одиме во главниот град за да можеме да ги поднесеме пријавите“, говореа неколку ученици од Штип кои се организирале и со такси патувале до Скопје.
Од кабинетот на МОН добивме краток одговор дека компјутерскиот систем функционира беспрекорно, нема никаков застој, воопшто не станува збор за некаква компјутерска блокада и ако сакаме подетални информации прашањата да ги доставиме по електронски пат. До објавувањето на текстот не добивме одговор.
„Поднесувањето на документите одеше брзо. Работеа неколку шалтери и шалтерските работници беа експедитивни и љубезни со објаснувањата. Ни рекоа дека по поднесувањето на апликациите ќе бидат проверувани сите документи, во Управата за јавни приходи (УЈП) ќе се усогласуваат примањата на апликантите како еден од основните услови и дека на крајот кои кандидати ќе добијат стипендија ќе биде јавно објавено на страницата на МОН“, ни рекоа родители дојдени од неколку градови во Македонија само за да не го испуштат рокот за поднесување.
МОН уште минатиот месец го објави Конкурсот за 520 ученички стипендии. Според објавените информации, станува збор за стипендирање по разни основи, стипендија на ученици за социјална поддршка, потоа на ученици со посебни потреби, без родители, за талентирани ученици, спортисти и уметници, стипендирање на ученици запишани во дуалните паралелки.
Висината на стипендијата ќе изнесува 3.500 денари месечно, а ќе се исплатува за девет месеци. Резулатите ќе бидат објавени на 20 октомври. Избраните кандидати ќе бидат должни до 29 октомври да ги потпишат договорите со МОН, а ако тоа не го сторат ќе се смета дека се откажуваат од стипендирањето.
Т. ЈОВАНОВСКИ