Франција ги повлече своите амбасадори во САД и Австралија заради консултации, протестирајќи против новоформиран безбедносен пакт, кој ја вклучува и Велика Британија. Министерството за надворешни работи кажа дека исклучителната одлука е оправдана од сериозноста на пактот.
Како дел од договорот познат како АУКУС, Австралија ќе добие американска технологија за изградба на подморници на нуклеарен погон, при што го раскина договорот со Франција од 2016 вреден над 30 милијарди долари.
Формирањето на алијансата беше објавено во средата од американскиот претседател Џо Бајден, британскиот премиер Борис Џонсон и неговиот австралиски колега Скот Морисон. Пактот ќе опфати и вештачка интелигенција, сајбербезбедност и квантни технологии. Аналитичарите велат дека ова е најголемото одбранбено партнерство помеѓу држави од Втората светска војна и следува откако во последните години западните сили изразуваа загриженост за растечката воена наметливост на Кина во индопацифичкиот регион, особено во Јужнокинеското Море.
Министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Ив Ле Дријан, го опиша пактот како забивање нож во грб.