Националниот комитет за имунизација препорачува трета доза на вакцина против ковид-19, за сите граѓани над 60 години, за сите здравствени работници без разлика на возраста и за сите граѓани кои имаат имунокомпромитирачки проблеми без разлика на возраста, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Третата доза ќе се дава од производителот „Фајзер“, без разлика со која вакцина претходно граѓаните се вакцинирале. Препораката важи и за граѓани кои прележале ковид-19, се вакцинирале, а спаѓаат во наведените категории.
Третата доза треба да се прими најмалку после 6 месеци од втората доза. Граѓаните ќе добијат порака преку „Мој термин“ дека може да се јават за вакцина, а ова би стартувало од понеделник, додаде министерот.
Во државата вкупно се аплицирани 1.482.287 дози вакцини, а ревакцинирани се 703.878 граѓани.
Во земјава вчера стигнаа 110.612 вакцини против ковид-19 од „Фајзер-Бионтек“, кои се купени преку Ковакс-механизмот, а до крајот годината е најавена испорака на уште 100 илјади вакцини од овој производител.
Филипче денес кажа дека се очекува Данска да ја објави донацијата од 250 илјади вакцини „Џонсон“. Таа е единствена вакцина која се дава во една доза.
Б. НЕСТОРОСКА